Татко и ќерка со години мамеле галерии со лажни дела на Пикасо и Бенкси

Точка

30/04/2026

12:40

523

Големина на фонт

а а а

Татко и ќерка од Њу Џерси признале вина за повеќегодишна шема на фалсификување на уметнички дела со која измамиле галерии и аукциски куќи продавајќи лажни слики од познати уметници, вклучувајќи ги Пабло Пикасо и Бенкси.

Според наводите на обвинителството, Ервин Банковски (50) и Каролина Банковска (26) ангажирале уметник од Полска за изработка на најмалку 200 фалсификати, користејќи имиња на познати автори како што се Енди Ворхол и други, со што ги оштетиле купувачите за најмалку два милиони долари, пренесе Гардијан.


Обвинителите рекле дека делата често претставувале копии на помалку познати дела на познатите уметници, а биле продавани преку аукциски куќи и галерии во САД, вклучувајќи поголем број познати аукциски институции кои подоцна соработувале со властите.

Еден од најскапите фалсификати бил продаден за околу 160.000 долари, додека другите слики предизвикале сомнежи откако експертите забележале неправилности во материјалите и ознаките на задната страна на уметничките дела.


Таткото и ќерката пред судот ја признале вината и изразил жалење, додека се соочуваат со можни затворски казни, парични казни и депортација.

Американскиот обвинител Џозеф Нокел Џуниор рекол дека случајот покажува дека обвинетите со години ги измамувале купувачите претставувајќи се како легитимни трговци со уметнички дела, додека експертката за уметнички криминал, Ерин Томсон оценила дека единственото невообичаено нешто во случајот е тоа што се откриени фалсификаторите, забележувајќи дека пазарот на уметнички дела е често подложен на измами.