Вера Ванг лансираше венчаници за пополни невести и еве како тоа би можело да се одрази на нејзиниот бренд: „Вистинските жени не можат да имаат само 45 килограми“

Кармин

09/04/2026

21:16

247

Големина на фонт

а а а

Вера Ванг, некрунисаната кралица на венчаниците и едно од најголемите имиња во светот на модата, се прослави со спектакуларни креации за кои сонува секоја идна невеста.

Нејзините раскошни, романтични и елегантни фустани со години нè оставаат без здив. Многу девојки дури и буквално остануваа без здив и со месеци гладуваа за да можат да ги облечат тие совршено кроени модели. Сега, меѓутоа, бајката стана подостапна...

Вера Ванг ја дизајнира секоја венчаница со идеја невестата во неа да може слободно да танцува. Според филозофијата на славната дизајнерка, венчаницата мора да биде елегантна, но и практична. Сепак, се сеќаваме како сиротата Кејт Хадсон во комедијата "Bride Wars" беше подготвена да се подложи и на најсурова диета, само за ниеден единствен грам вишок да не ја расипе креацијата со потпис на познатиот бренд.


Не им се допаѓаше баш на сите девојки опцијата неколку месеци да живеат на кефир и јаболка за да можат да облечат совршено скроен модел на кралицата на венчаниците, кој, патем, чини цело богатство, но Вера Ванг стекна цела армија следбенички и не се жали на профитот. Меѓутоа, неодамна креаторката се одлучи за храбар експеримент, кој, ако се суди според интересот, би можел да стане еден од најуспешните потези во нејзината кариера.

На „Bridal Fashion Week“ во Њујорк таа претстави колекција создадена во соработка со брендот "David's Bridal", а по пистата прошетаа плус-сајз модели, најавувајќи дека отсега жените од сите облици и димензии ќе имаат можност да уживаат во нејзините свадбени ремек-дела. Секоја идна невеста има право на бајка, нели? Реалноста, од друга страна, често е сурова, бидејќи не сме сите градени како супермодели, ниту треба да бидеме.


За среќа, модата во последниве години игра на картата на инклузивноста, претставувајќи програми достапни за најшироките маси. Речиси повеќе и да не постои престижна модна куќа која за ревиите не ангажира и манекенки со облини и видлив вишок килограми, што многумина го поздравуваат. „Сакајте се себеси, сакајте го своето тело, чувствувајте се добро во сопствената кожа, кажете не на теророт на убавината...“. „Отфрлете го системот 90-60-90, вистинските жени никако не можат да имаат само 45 килограми, погледнете ја Ешли Греам...“.


Се сеќавате колку долго „Victoria's Secret“ беше на удар на критики затоа што само слабите жени имаа привилегија да уживаат во луксузна долна облека. Брендот беше обвинет за „фетфобија“ и „продавање фантазија“, а на повиците за глобален бојкот на нивните производи им немаше крај. Кога, пак, се охрабрија да ризикуваат и лансираа плус-сајз линија, повторно се најдоа на обвинителна клупа, бидејќи некои заклучија дека „брендот ја жртвувал естетиката заради трендовска агенда“ и дека „сега отишол во друга крајност, промовирајќи нездрава дебелина“. Кому да му се угоди...


Затоа и Вера Ванг долго размислуваше дали да се впушти во ваков проект. За среќа, времињата се сменија и ѝ одат во прилог на нејзината одлука. Впрочем, тоа нема да ѝ биде прв ризичен чекор. Веќе „флертуваше“ со смели бои и детали, да ја споменеме само колекцијата црни венчаници во драматичен готски стил, со кои пред петнаесетина години ѝ се спротивстави на традицијата.

Предизвика вистински земјотрес (што и беше целта), но наиде и на симпатии кај слободоумните девојки кои постојано трагаат по нешто ново и не се двоумат да рушат граници и табуа. Ако се суди според интересот, линијата плус-сајз фустани би можела да постигне далеку подобри резултати. Мода за сите!


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk