Од Балтичкото Море до Пацификот се води глобална трка за заштита на подморските кабли – инфраструктура преку која минува најголемиот дел од светскиот интернет-сообраќај и без која модерната економија практично би застанала. Владите, војските, сопствениците на кабелски станици и технолошките стартапи преземаат мерки за зајакнување на нивната заштита, бидејќи токму преку нив се одвива најголемиот дел од меѓународниот проток на податоци. На северот на Европа, НАТО веќе ангажира бродови и дронови за надзор на Балтичкото Море, откако во 2024 година брод поврзан со Русија оштети клучни кабли, додека Тајван ги засилува патролите на крајбрежната стража и воведува построги казни за оштетување инфраструктура, обидувајќи се да ги одврати потенцијалните напаѓачи.
Приватните оператори исто така ги менуваат стратегиите: сè почесто планираат траси што ги заобиколуваат ризичните подрачја како Јужното Кинеско Море, каде што се чести територијални спорови и инциденти, пишува „Wall Street Journal“.
И покрај сите напори, експертите предупредуваат на основниот проблем – подморските кабли речиси е невозможно целосно да се заштитат. Една од најчестите причини за оштетување се сидрата на бродовите кои се закачуваат за нив, бидејќи можат да уништат дури и кабли обвиткани со челични жици, со дебелина нешто поголема од топче за пинг-понг.
Во близина на брегот тие се закопуваат во морското дно, но само до одредена длабочина. Како што предупредува експертот за поморска безбедност Дејвид Брустер, „одлучен противник може релативно лесно да пресече кабел во плитки води“.

Проблем претставува и докажувањето саботажа. Многу сомнителни бродови се регистрирани под знамиња на трети земји, што го отежнува утврдувањето на одговорноста. „Овој проблем со атрибуцијата го парализираше одговорот на меѓународната заедница“, предупредува Џејсон Хсу од тинк-тенкот „Hudson Institute“. Кина и Русија негираат вмешаност во уништувањето на каблите.
Сепак, поголемиот дел од дефектите и понатаму се последица на несреќи, природни непогоди или технички проблеми. Според податоците на Меѓународниот комитет за заштита на подморските кабли, годишно се бележат меѓу 150 и 200 инциденти, а потврдени случаи на државна саботажа не се забележани уште од Втората светска војна.

Бумот на вештачката интелигенција го зголемува притисокот
Развојот на вештачката интелигенција ја зголемува побарувачката за капацитети за податоци, што доведува до забрзана изградба на инфраструктура. Во моментов се планира поставување на повеќе од 100 нови подморски кабли ширум светот, што дополнително ја зголемува комплексноста на заштитата на целата мрежа.
Но, физичката заштита има свои ограничувања. „Сидрата на големите товарни бродови се огромни, па малку дополнителен челик нема да спречи кабелот да биде искинат“, предупредуваат експертите.
И покрај официјалните податоци, некои аналитичари сметаат дека одредени инциденти се премногу прецизни за да бидат случајни. На пример, оштетувањата на каблите кај Тајван во 2023 и 2025 година се случиле на стратешки локации каде последиците би биле најголеми, а во еден случај капетан на брод бил осуден за намерно оштетување на инфраструктура.
Дополнителна загриженост предизвикаа информациите за кинески уред кој може да сече кабли на длабочини до речиси 4000 метри, што потенцијално би ја загрозило и инфраструктурата длабоко во океаните.

Воени решенија и нови технологии
Членките на НАТО, загрижени поради можни злонамерни активности на таканаречената „сенчеста флота“, односно санкционирани нафтени танкери поврзани со Русија, користат бродови, дронови и авиони за патролирање во Балтичкото Море.
Некои земји решението го бараат во воена заштита. НАТО ја започна операцијата „Baltic Sentry“, во рамки на која користи бродови, авиони и беспилотни системи за надзор на морето. „Тоа е долготрајна и сложена мисија, но покажува дека заедничкото дејствување може да има одвраќачки ефект“, порачуваат од алијансата.

Во меѓувреме, технолошките компании развиваат нови решенија – системи базирани на ласерски сигнали кои можат да детектираат вибрации во каблите и да препознаат приближување на бродови, дури и кога им се исклучени транспондерите.
Компании како „Anduril“ развиваат и подводни сензорски системи кои со месеци можат да го надгледуваат морското дно и да откриваат сомнителни активности. Како што истакнуваат експертите, целосната заштита на подморските кабли веројатно никогаш нема да биде можна, па фокусот сè повеќе се пренасочува кон отпорноста на системот – способноста за брзо пренасочување на сообраќајот и закрепнување по инциденти.










