Купувате или продавате половен автомобил? Еден детаљ може значително да ви ја отежни продажбата и да ја намали вредноста на возилото, а ретко кој размислува за тоа. Ново истражување открива кои карактеристики на автомобилите ги одбиваат купувачите и зошто некои модели значително подолго стојат на огласите. Производителите на автомобили нудат широк спектар на бои, од класични до поистакнати, но кога станува збор за половни возила, купувачите размислуваат поинаку.
Според студијата спроведена од компанијата „carVertical“, изборот на автомобил не се сведува само на изгледот, туку клучна улога има и неговата идната продажна вредност. Експертот за автомобилски пазар Матас Бузелис истакнува: „Повеќето возачи избираат неупадливи опции бидејќи не сакаат да се истакнуваат, но постои и практична причина – таквите возила подоцна многу полесно се продаваат“.
Иако на прв поглед бојата може да изгледа како личен избор, таа има директно влијание врз ликвидноста на возилото на пазарот: „Полесно е да се продаде автомобил во неутрални тонови отколку во впечатливи нијанси, бидејќи глобалната побарувачка за такви возила е поголема“, открива Бузелис.

Скриен проблем
Освен самата продажба, одредени карактеристики на возилото можат долгорочно да влијаат на неговиот изглед и вредност. Автомобилите изложени на сонце со текот на времето можат да покажат знаци на трошење, особено во потоплите делови на Европа. Долготрајното изложување на УВ-зрачење може да предизвика избледување и оштетување на површината, што дополнително ја отежнува продажбата.
Но ни „побезбедните“ опции не се без недостатоци: „Црните автомобили бараат повеќе одржување, почувствителни се на прашина, гребнатини и нечистотија и често изгледаат чисти само кратко по миењето“, предупредува Бузелис. Од друга страна, неутралните нијанси подобро ги прикриваат ситните оштетувања, што ги прави попрактични за секојдневна употреба и подоцнежна продажба, пренесува „Kurir“.
Потемните нијанси често се поврзуваат со луксуз и се користат кај премиум моделите, но дури ни тоа не гарантира подобра продажба во сите услови. Во потоплите делови на Европа, ваквите автомобили можат да бидат помалку пожелни поради топлината, прашината и посложеното одржување. Во исто време, одредени бои низ историјата станале заштитен знак на одделни производители, што и денес влијае врз перцепцијата на купувачите: „Италијанските автомобили традиционално се поврзуваат со црвената боја, француските со сината, британските со зелената, а германските со сребрената. Тој идентитет и понатаму е препознатлив“, додава Бузелис.

Најважниот совет
И покрај сите трендови, експертите нагласуваат дека бојата не треба да биде пресуден фактор при купување: „Автомобилот треба да се избира според техничката состојба, а не според изгледот. Убавата боја може да скрие сериозни недостатоци“, предупредува Бузелис.
На купувачите им советува да ја проверат историјата на возилото, евентуалното враќање на километражата, како и состојбата на каросеријата. Се препорачува и користење мерач на дебелина на лакот за да се открие дали возилото било пребојувано со цел прикривање на оштетувања.
Анализата на компанијата „carVertical“ се базира на извештаи за историја на возила кои корисниците ги купиле помеѓу август 2023 и август 2025 година. Податоците се собрани од повеќе од 900 извори, вклучувајќи регистри за спроведување на законот, државни и регионални бази, финансиски институции и огласи. Компанијата работи во 35 земји и обработува милиони извештаи годишно, што ѝ овозможува да препознава пазарни трендови и да изработува доверливи анализи.













