Дали некогаш сте се запрашале колку гориво е доволно да имате во резервоарот? Американското автомобилско здружение „AAA“ дава одговор на ова прашање.
Според експертите од ова здружение, во резервоарот секогаш треба да имате најмалку една четвртина гориво, со цел да избегнете дефекти и непредвидени ситуации на патот. Оваа препорака, како што наведуваат, не е само прашање на удобност, туку директно влијае на долговечноста на возилото и безбедноста при возење.
Една од главните причини за оваа препорака е пумпата за гориво, која кај повеќето автомобили се наоѓа во самиот резервоар и го користи горивото за ладење и подмачкување. Кога автомобилот често се вози „на резерва“ или до целосно празнење, пумпата може да се прегрее и побрзо да се истроши, што може да доведе до скапи поправки.

Ниското ниво на гориво го зголемува и ризикот од вовлекување нечистотии од дното на резервоарот, како талог, ’рѓа и нечистотија. Тоа може да доведе до затнување на филтрите и инјекторите, што негативно влијае на работата на моторот и на вкупните перформанси на возилото.
Одржувањето поголема количина гориво има и практична безбедносна димензија. Резервата во резервоарот може да биде клучна во непредвидени ситуации, како што се сообраќајни метежи, затворени патишта или прекин на електричната енергија што може да го оневозможи работењето на пумпите на бензинските станици.

Дополнително, поголемата количина гориво го намалува создавањето кондензација во резервоарот. Кога има помалку празен простор, помала е веројатноста водената пареа да се кондензира и да се измеша со горивото, што е особено важно при големи температурни разлики.
Од „AAA“ исто така предупредуваат дека не треба целосно да се потпирате на показателот за преостанатиот домет, бидејќи тој може да варира во зависност од стилот на возење.












