Политико: „Европа не е во состојба ни да замисли што ја очекува – веќе за неколку недели“

Точка

06/04/2026

21:06

1.197

Големина на фонт

а а а

Додека војната во Иран се заканува со долготраен прекин на енергетските текови, Европа се соочува со шок во снабдувањето што би можел да ја парализира индустријата, па го приземји воздушниот сообраќај, да ги зголеми цените на храната, да ги зголеми трошоците за позајмување и да ја врати инфлацијата кон кризни нивоа, пишува Политико.

Додека последните танкери со фосилни горива од Персискиот Залив пловат кон европските пристаништа, европските лидери само што почнуваат да го сфаќаат обемот на претстојниот шок.

Доколку војната се одолговлечи, товарот за европската економија ќе биде „подеднакво тежок како за време пандемијата на Ковид-19 или на почетокот на војната во Украина“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Живеам со оваа реалност 24 часа на ден“, рече италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето. „Принуден сум да знам работи што ме држат буден ноќе“, истакна тој. „Конфликтот би можел да трае „со години“, предупреди Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, додавајќи дека долгорочните последици се „веројатно над она што можеме да го замислиме во овој момент“.


Околу 20 отсто од светската нафта и гас минуваат низ Ормускиот теснец. Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на земјите погодени од недостиг на гориво: „Ќе мора да научите сами да се борите за себе… потешкиот дел од работата во Иран е завршен – сега најдете си сопствена нафта!“.

Нафтата и гасот се клучни за транспорт и греење, но се и темел на целиот индустриски синџир – од храна и пластика до хемикалии и земјоделство. Исто така, постои недостиг и на други ресурси како што се ѓубрива и хелиум, важен за производство на микрочипови.

Засега, европските потрошувачи најмногу го почувствуваа ударот врз цените на горивата, но аналитичарите предупредуваат дека ова е само почеток.

Недостиг

За разлика од претходните енергетски кризи, како што пишува Политико, оваа влијае на сите извори на енергија – од сирова нафта и гас до рафинирани деривати како што се дизелот и горивото за авиони. Затворањето на Ормускиот теснец влијае на дури 20 отсто од глобалното снабдување.


Додека војната влегува во својата петта недела, азиските земји – кои се повеќе зависни од енергенсите од Заливот – агресивно ги зголемуваат цените за да обезбедат снабдување, пренасочувајќи ги пратките од Европа. Танкерите со американски течен природен гас веќе се пренасочени кон Азија, а последните испораки од Катар наскоро ќе пристигнат.

Европските лидери сè повеќе сфаќаат дека очекуваните количини на гас можеби воопшто нема да пристигнат. „Нема безбедносна мрежа“, предупредуваат аналитичарите, проценувајќи дека Европа ќе почне да ги чувствува последиците во рок од неколку недели.

Намалување на потрошувачката

Првиот и највидлив ефект е веќе тука – зголемувањето на цените на горивата. Владите се обидуваат да го ублажат ударот со намалување на даноците, но ако снабдувањето не биде обновено, ќе мора да посегнат по непопуларни мерки: ограничување на потрошувачката. Во оптек се идеи како што се забрана за возење во недела и рационализацијата на горивото, што потсетува на кризите од 1970-тите.

Воздушниот сообраќај е особено погоден – цените на авионското гориво се дуплираа, а авиокомпаниите веќе ги зголемуваат цените на билетите и размислуваат за намалување на бројот на летови.


Индустриски пад

Кризата веќе се прелева и врз европската индустрија, особено врз енергетски интензивните сектори како што се хемиската и челичната индустрија. Зголемувањето на цените на суровините, логистиката и енергијата ги принудува компаниите на поскапувања.

Цените на клучните деривати како што се пластиката и ѓубривата исто така растат, што врши дополнителен притисок врз земјоделството и производството на храна.

Стагфлација

Комбинацијата од зголемување на цените и забавување на економијата се заканува со враќањето на стагфлацијата – опасна мешавина од висока инфлација и слаб раст.

Европската комисија проценува дека економскиот раст ќе падне на околу 1 отсто, додека инфлацијата би можела повторно да се зголеми, што би можело да ја принуди Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки.


Ова значи поскапи кредити, повисоки рати за граѓаните и дополнителен притисок врз веќе задолжените држави, кои би можеле да бидат принудени да ја намалуваат јавната потрошувачка.

Дури иако војната заврши веднаш, закрепнувањето ќе трае најмалку една година, а колку подолго трае конфликтот, толку потешки ќе бидат последиците.

За Европа, времето повеќе не тече во месеци – туку во недели, заклучува Политико.