„Не го допирајте законот за јазиците“, порака од протестот за полагање правосуден на албански

Нетпрес

06/04/2026

15:28

1.205

Големина на фонт

а а а

Со албански и американски знамиња, како и со транспаренти „Стоп за институционалната дискриминација“, студенти протестираа барајќи правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.

Учесниците носеа и политички пораки, меѓу кои „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“, а дел од нив упатија и директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд. „Не го допирајте Законот за јазиците!“, беше една од пораките на протестот, проследена со скандирања за одговорност и оставки.

Протестот започна пред плоштадот „Карпошово востание“, улицата „11-ти Март“ преку Камени мост, продолжува по улицата „Никола Вапцаров“ и завршува на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерство за правда. Сообраќајот од овие улици ќе биде пренасочен, а МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Неможноста за полагање на правосудниот испит на албански јазик покрај полагањето на македонски јазик ги изреволтира студентите албанци во Македонија, кои денес оваа право кое им се негира го бараат преку протест, пишува Порталб.мк. Поради протестот денес ќе има ограничување на сообраќајот на улиците по кои ќе се движи протестниот марш. Организаторите на протестот беа повикани во полиција на информативен разговор.

Протестот доби поддршка и од поединци, службени лица и други здруженија од РСМ, Албанија и Косово. Но, тој предизвика и судири меѓу двата албански политички блока во РСМ, ВЛЕН и ДУИ. Вчера, премиерот Христијан Мицкоски, ги увери студентите дека ќе најде решение за нив, апелирајќи до нив да не стануваат алатки на ДУИ.

„Им гарантирам на студентите дека како што се пронајдени многу решенија за многу предизвици и многу пропусти од минатото, така ќе се најде соодветно решение и за ова. Мислам дека тие веќе го знаат тоа и апелирам да не си дозволат да бидат алатки во рацете на политичка партија која сè уште живее во сеќавањата на минатото, односно во минатиот век“, рече Христијан Мицкоски.


Од друга страна, портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања.

„Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата! По кампањата нивниот глас не се слуша, но гласот на студентите не запира пред дискриминацијата, ароганцијата и мајоризацијата. Денес, студентите се на патот кон достоинство“, рече Биљали Зендели.

Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека политиката за јазикот во Северна Македонија, за жал, е регулирана со половичен закон.

„Половичните закони даваат половични решенија. Затоа протестот е повик за свесност за сите политички и општествени чинители кои мора да придонесат за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики во земјата. Наместо политизација, повикувам на свесност, затоа што студентските протести секогаш се аларм за општествени феномени со кои политичките структури имаат обврска да ги третираат во целост“, рече Meџити.

За протестот имаше реакции и меѓусебни обвинувања меѓу многу функционери од власта и опозицијата.

Прашањето за правосудниот испит на албански јазик во последно време направи голема врева откако 385 студенти Албанци од три правни факултети (УТ, УЈИЕ, УНТ) во Македонија преку петиција побараа од институциите правосудниот испит да се полага и на албански јазик, на јазикот на кој ги завршуваат студиите, бидејќи како што велат, тоа е нивно право кое им следува со закон. Но, досега ова нивно барање не е исполнето. Министерството за правда, на чело со Игор Филов, постојано инсистира дека правосудниот испит не може да се одржи на албански јазик, и покрај Законот за употреба на јазиците. А инспекцијата од страна на Инспекторатот за употреба на јазиците ја нарекоа притисок. Во меѓувреме, Инспекторатот за употреба на јазиците, по извршена вонредна инспекција го опомена Министерството за правда на чело со Игор Филов, дека не овозможиле правосудниот испит да се одржи на албански јазик, и покрај законската и уставната обврска. Министерството за правда нема намера да ги спроведе препораките, туку поднесе жалба против оваа одлука.


И Народниот правобранител, преку предметот што го отвори за ова прашање, излезе и со конкретен предлог до Владата во којшто бара преку Министерството за правда да се покрене постапка за измена на три закона: За правосудство, Нотаријат и Судски извршители, за да бидат усогласени со Законот за употреба на јазиците, за да може овој испит да се полага и на албански јазик.

Од Министерството за правда за Порталб изјавија дека доставиле одговор до Народниот правобранител во кој детално е објаснета постапката за полагање на правосуден испит, и дека правосудниот испит е стручен испит, а не административна постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски иако изјави дека на студентите треба да им се овозможи да полагаат и на албански јазик, тој потоа рече дека сегашниот Закон не дозволува правосудниот испит да се полага на албански јазик и дека е спремен да го регулира, но одлуката ќе ја донесе Венецијанската комисија. На 4 мaрт во Собранието тој вети дека ќе се направат законски измени за да може испитот да се полага и на албански јазик.

Албанската опозиција првично достави предлог-закон со кој предлагаа правосудниот испит да се полага и на албански јазик, но подоцна го повлече со образложение дека доволно е да се спроведува само Законот за употреба на јазиците. Албанската опозиција, исто така, до Собранието достави и резолуција.

Ова прашање предизвика дебата и политички судири меѓу партиите на власт и опозицијата.

Фото: Слободен печат