90-годишна баба го срушила Гинисовиот рекорд како најстара жена која извела најдолго висење на шипка (dead hang).
Ен Крил Еселстин од Охајо ја држела тежината на сопственото тело две минути и 52 секунди минатиот месец, надминувајќи ја претходната рекордерка, 81-годишната Ени Џудис од Калифорнија, која поминала две минути и една секунда во воздух.
„Никогаш не можев да замислам дека во моите 90 години ќе имам среќа да добијам фокусирана обука, поддршка и желба навистина да освојам титула во Гинисовата книга на рекорди, особено не на 90-годишна возраст“ изјавила Еселстин.
Сè започнало кога нејзиниот син Рип ја замолил да ја тестира својата сила, пишува „New York Post“.

„Ме замоли да одам до шипката за висење и да висам што е можно подолго. Го наместив телефонот за да може да ме гледа и висев една минута и 15 секунди. Рип беше запрепастен“, додала таа.
Веќе следниот ден, Рип ја прочитал веста за рекордот на Џудис, а потоа веднаш ја повикал мајка си и ја охрабрил да се обиде да ја симне од тронот. Оваа деведесетгодишна жена буквално почувствувала дека оваа цел е во нејзин дофат.
„Бидејќи можев да висам минута и 15 секунди без многу вежбање, тоа не ми звучеше невозможно“ истакнала таа.
Еселстин почнала да тренира во февруари, а Рип бил нејзин секојдневен виртуелен тренер.
„Верувале или не, како што одминуваше месецот, чувствував дека рацете ми стануваат посилни. Плускавците што толку многу ме болеа на почетокот се претворија во задебелувања; грбот ми беше малку подобар“ раскажала Еслестин.
На 6 март, група мерачи на време, фотографи, сведоци, адвокат, пожарникар, соседи, двајца лични тренери и сите четири нејзини деца се собрале во нејзиниот дом за да бидат сведоци на нејзиниот импресивен подвиг.
Првиот обид на Еслестин изнесувал две минути и 41 секунда, но присутните ја замолиле да ја повтори вежбата бидејќи мавтала со нозете, поради што можела да биде дисквалификувана. По 30 минути одмор, се вратила на шипката.

„Сите молчеа до крајот на втората минута. На две минути и 30 секунди, просторијата експлодираше од навивање. Тогаш слушнав дека го надминав времето од мојот прв обид“ се присетила.
„Ме болеа грбот и рацете, но извиците на воодушевување затоа што го пробив времето од првиот обид и се приближив до границата од три минути, ме оставија во состојба на чудење, а болката во грбот исчезна пред радосната возбуда што владееше во просторијата“, објаснила Еслестин.
Кога дознала дека била блиску до три минути, почнала да размислува за соборување на сопствениот рекорд.
„Да знаев дека бев толку блиску, можеби ќе издржев малку подолго. Втор пат!“, заклучила виталната старица.














