Не веруваме дека постои некој кој во последниве неколку години влегол во дрогеријата ДМ во Расадник, Кисела Вода, а да не го забележал малото црно-бело маче таму.
Мачето обично стоеше пред влезот, а штом ќе се отвореше вратата, вешто ќе се провлечеше меѓу нозете на купувачите и ќе влезеше внатре. Не се движеше меѓу рафтовите, туку тивко се повлекуваше на страна, најчесто кај касите, каде што често можеше да се види како мирно спие, очигледно чувствувајќи се сигурно и заштитено.
На почетокот, вработените се обидувале да го оттурнат и да го изнесат надвор, но како што е познато за мачките – упорноста си го направила своето. Со текот на времето, мачето си го пронајде местото во маркетот и стана дел од секојдневието таму. Го нарекоа Бетмен, иако станува збор за женско маче, а и купувачите имаа свои имиња за неа. Беше стерилизирана, вакцинирана и очигледно многу сакана.
Оваа приказна ја сподели порталот „Pets.mk“ кој пишува дека еден ден, при посета на маркетот, вратата била затворена, а просторот празен. На вратата стоело известување дека продавницата е преселена на нова локација. Пред стариот објект имало траги од мачешка храна, но од Бетмен немало ни трага.
„Веднаш се упатив на новата локација, а внатре гужва, музика, балони, попусти. Не успеав да прашам за Бетмен, ниту пак ја видов.
Поминаа денови, гужвите се расчистија, отидов повторно. Само што влегов, кога се свртев, ја здогледав малата четириножна „вработена“ во маркетот. Легната на креветче, потоната во длабок сон. Истиот маркет, истите вработени, само различна локација.
„Бетмен?“, прашувам.
„Да, нормално дека си ја зедовме со нас!“, нѝ изјавија вработените“, пишува порталот.
Една од вработените која особено се грижела за неа, објаснила дека иако ДМ официјално не е пет-френдли, мачето со својот карактер успеало да ги освои сите.
„Првиот ден, на отворањето на новиот маркет, беше уплашена, мјаукаше, имаше многу луѓе и беше вознемирена. Дојде една госпоѓа која ја хранела на старата локација и рече дека сепак би било подобро доколку ја врати назад, бидејќи мачките се врзуваат за територија. Ја зеде и ја врати кај стариот, затворен маркет. Но, ден-два подоцна, луѓето нѝ кажаа дека таму стоела пред вратата и нѐ чекала, била вознемирена, почнала да талка, да ја преминува главната улица. Веднаш отидовме и си ја вративме назад. Сега веќе се навикна, исто како да си е тука родена“, рекла вработената.
„Навечер мора да спие надвор, каде што има креветче, бидејќи ги активира алармите во маркетот. Но, изутрина, таа е прва на врата – чека да се отвори маркетот и удобно да си се смести во креветчето“.
Оваа случка е доказ дека Скопје знае да раскаже топли приказни – за луѓе кои се грижат, компании кои покажуваат одговорност, и за едно мало маче по име Бетмен, кое со упорност и инает си го најде својот дом – не таму каде што е територијата, туку таму каде што се чувствува сакано.
















