Велигденскиот пост за верниците не е само воздржување од одреден вид храна. Најважно е човек морално да се воздржува и да не ги „јаде“ своите ближни, односно да избегнува гнев, нервоза и раздразливост.
Великиот пост е најстрогиот пост во православието. Почнува веднаш по Масленица – руски празник што трае една недела во последната седмица пред постот – и трае 48 дена, до Велигден (40 дена како спомен на Христовиот пост, два празнични дена: Лазарева сабота и Цветници, како и Страсната седмица).

Великиот пост подразбира откажување од производи од животинско потекло, но не може да се каже дека станува збор за диета, бидејќи суштината на ограничувањата е човекот духовно да се прочисти и да се подготви за прославување на Христовото воскресение.
Како започнува велигденскиот пост?
Првиот ден од постот се нарекува Чист понеделник. Тој ден треба да се среди домот, да се оди во бања (руска сауна), да се бори против лошите мисли со молитва и да се подготви човек за ограничувањата во исхраната и забавата. На оние на кои здравјето им дозволува, црквата им препорачува во понеделник воопшто да не јадат, туку да пијат само вода. Во вторник може да се јаде само леб и вода, а во среда само сурова храна без масло. Воопшто, првата и последната седмица од постот се сметаат за најстроги.

Сепак, отстапувања од строгите правила се дозволени за деца, трудници, постари лица, како и за оние што се на патување. Претставниците на црквата препорачуваат воздржувањето од храна да биде доброволно и во согласност со можностите на секој човек. На пример, со малите деца родителите можат да се договорат да добиваат помалку слатки од вообичаено.
Од што треба да се откажеме за време на постот?
Во текот на целиот пост, верниците треба да се воздржуваат од храна од животинско потекло, односно од месо, животински масти, млечни производи и јајца. Риба и морски плодови се дозволени само двапати во текот на постот: на Благовештение и на Цветници. На Лазарева сабота е дозволен кавијар. Алкохолот е забранет во текот на целиот пост, со тоа што во недела, на Лазарева сабота и во четвртокот од Страсната седмица е дозволена чаша црвено вино, пишува сајтот „Russia Beyond“.

Како се хранат Русите за време на постот?
Во работните денови јадат еднаш дневно, и тоа навечер, а за викенд двапати.
За време на Великиот пост се менуваат денови на сирова и готвена храна:
• во понеделник, среда и петок треба да се јаде сирова храна без масло,
• во вторник и четврток – готвена храна без масло,
• а за викенд е дозволена готвена храна со масло.
Основата на посната трпеза ја сочинуваат бројни каши: од јачмен, овес, хељда и други житарки. Изборот е навистина голем. Дозволени се зеленчук, овошје, јаткасти плодови, мешунки, печурки, леб и мед. Верниците често подготвуваат лесни супи, вегетаријански ќофтиња и посни теста. Од пијалаци се дозволени вода, сите видови чаеви, кафе, цикорија и компоти. Се смета дека храната не треба да има интензивен вкус, па затоа треба да се избегнуваат зачини. Исто така, не се препорачува пржење, туку варење, динстање или печење.

Храната не треба да биде тешка. На верниците им се советува да избегнуваат прејадување, дури и со омилената посна храна. Ако некој може одеднаш да изеде цел сад вареники со зелка или многу пирошки со компир, подобро е целосно да се откаже од таа храна, иако е посна.
Најстрогата недела
Последната недела пред Велигден се нарекува Страсна седмица. Од понеделник до среда се јаде сирова храна без масло, во четврток може да се јаде готвена храна со масло и да се испие чаша вино, а во петок треба целосно да се воздржува од храна (дозволена е само вода). Во сабота постот завршува со сирова храна без масло, но со вино. Во недела е Велигден, за кој руските верници подготвуваат кулич, пасха од сирење и бојадисуваат јајца.

Што уште е забрането за време на Великиот пост?
За време на постот се забранети сите видови гатање (што црквата и инаку не го одобрува), пушење, жесток алкохол, како и интимни односи. Поради тоа, православната црква за време на постот не врши венчавки. Исто така, се препорачува воздржување од забава и ноќен живот, со совет тоа време да се посвети на молитва.
Целта на Великиот пост е борба против страстите, за човекот духовно да се приближи до Бога. Дури и ако не успева целосно да ја ограничи исхраната, може својата енергија да ја насочи кон добри дела.










