Англиската актерка Кејт Бекинсејл тврди дека агентката ја отпуштила затоа што лајкнала објава за прекин на огнот во Газа и дека Марк Рафало, со кого ја делела истата агентка, ја игнорирал кога се обидела да стапи во контакт со него.
Актерката своите обвинувања ги изнела во коментарите под објавата на Рафало, во која го промовирал филмот „Palestina 36“.
Според снимките од екранот што ги објави „Entertainment Weekly“ Бекинсејл јавно реагирала на објавата на Рафало и го прозвала затоа што не ѝ се јавил по отказот.
„Мора да е убаво кога агентот не те отпушта затоа што си лајкнал објава за прекин на огнот и не си за убивање деца“, напишала таа.
Во продолжение истакнала дека смета оти во индустријата постојат двојни стандарди.
„Претпоставувам дека во Холивуд многу значи да имаш пен**, бидејќи тебе не те отпушти истата агентка што ја делевме. Ми испрати подарок една недела претходно, така што немавме никакви проблеми. Но јас лајкнав објава за прекин на огнот и добив отказ истиот ден кога и Сузан Сарандон, два дена по завршувањето на штрајкот, по девет месеци во кои никој од нас не можеше да работи“, објаснила таа.
Таа се осврнала и на штрајкот на холивудските актери од 2023 година, додека Сарандон претходно зборувала за тоа дека поради своите ставови била оттурната на маргините во индустријата.

Актерката нагласила дека во моментот кога добила отказ минувала низ тежок период во приватниот живот. Тогаш дознала дека на нејзината мајка Џуди Лоу, која боледува од рак на мозокот, ѝ останало многу малку време, додека нејзиниот очув Рој Батерсби претрпел тежок мозочен удар, а му биле дијагностицирани и два вида рак. Во тој период Бекинсејл се грижела за двајцата.
Додала дека мозочниот удар и ракот на крајот довеле до смртта на нејзиниот очув. „Се подготвував да одам во Англија за да можам целосно да се грижам за него, а потоа добив отказ во две реченици. Тоа се случи по 12 години пријателство со мојата и твојата агентка, која знаеше низ што поминувам“, напишала таа.

Иако не ја именувала агентката, истакнала дека пред неколку месеци се обидела да стапи во контакт со Рафало, но дека тој не ѝ одговорил. Подоцна додала дека таквото однесување го поврзува со машката привилегија, која, како што рекла е присутна и кај луѓе кои важат за добри.
„Очигледно е дека не добив одговор. Јас навистина го поддржувам Марк Рафало и сè што прави, но не, нема да добијам одговор ниту овде ниту некогаш“, истакнала таа, додавајќи: „Му испратив порака пред неколку месеци и ме игнорираше. Нема никаква причина да одговори сега“.















