Шкотскиот глумец Брајан Кокс во своите мемоари прозва некои од најголемите холивудски имиња наведувајќи дека некои од колегите не ги цени ниту како актери, ниту како луѓе.
Кокс претходно го прозва и колегата Џереми Стронг наведувајќи во интервју за „The Guardian“ дека неговата глума му е иритантна. Во своите мемоари „Putting the Rabbit in the Hat“ од 2021 година тој критикуваше низа познати имиња меѓу кои се Џони Деп, Едвард Нортон, Кевин Спејси и Квентин Тарантино.
Кокс со Нортон глумеше во филмот на Спајк Ли „25th Hour“ од 2002 година, но искуството од работата со него не го памети по добро. За Нортон наведе дека е „вистинска напаст“.

„Добро момче е, но вистинска напаст бидејќи си замислува дека е сценарист и режисер“, порача тој.
Со Џони Деп никогаш не работел, но наведе дека ја одбил улогата на гувернер во филмот „Pirates of the Carribean“ која подоцна ја добил Џонатан Прајс. За Деп рече дека е „надуен и преценет“ и додаде дека му е драго што не морал да работи со него.
Зборувајќи за Кевин Спејси, Кокс рече дека го смета за голем талент, но бил многу поостар кога зборувал за него како личност.

„Голем талент, но глупав човек. Како актер беше добар. Понекогаш малку наметлив и површен“, рече тој.
Кога станува збор за Квентин Тарантино, Кокс рече дека неговите филмови делуваат површно.
„Сметам дека неговите дела се кичести, сè е тоа површина. Механика на дејството наместо длабочина. Стил таму каде што би требало да има суштина. Да ме повика, би прифатил улога“, наведе тој.





