Пола Вајт, верската советничка на американскиот претседател Доналд Трамп, предизвика низа негативни реакции на социјалните мрежи откако вчера го споредила американскиот претседател со Исус Христос.
Вајт, долгогодишна сојузничка на Трамп е позната по јавните молитви за него, вклучително и онаа што ја изговорила на почетокот на собирот на 6 јануари 2021 година, непосредно пред нападот на Капитол.
„Исус нè научи на многу лекции преку својата смрт, погребување и воскресение. Покажа што значи да се биде лидер, а големата трансформација бара и голема жртва“, рекла вчера Вајт, обраќајќи му се на Трамп.

„А вие, господине претседателе, никој не плати цена каква што плативте вие. Тоа за малку ќе ве чинеше живот. Ве предадоа, ве уапсија и лажно ве обвинија. Тоа е образец што нѝ е познат од нашиот Господ и Спасител“, продолжила таа.
„Но, како што тоа не беше крај за него, така не беше ни за вас. Бог отсекогаш имал план. На третиот ден воскресна, го победи злото, ја надвладеа смртта, пеколот и гробот. А бидејќи тој воскресна, знаеме дека и ние можеме да воскреснеме. И вие, господине, поради неговото воскресение, се издигнавте“, рекла таа.
„И верувам дека Господ ми наложи да ви го кажам ова: поради неговата победа, и вие ќе победите во сè што ќе започнете“, заклучила Вајт.
Нејзините зборови предизвикаа остри критики на социјалните мрежи, каде што бројни корисници нејзиниот говор го нарекоа „богохулење“ и „лудост“.
Вајт, која е на чело на Канцеларијата за вера во Белата куќа, претходно изјавила дека жените мора да им се „покоруваат“ на мажите. Исто така претходно барала 1000 долари за „седум специфични натприродни благослови“.
Минатата година ги повикала своите следбеници до Велигден да ѝ уплатат донација од 1000 долари за, според нејзините зборови, да „примат седум специфични натприродни благослови“. Тие благослови вклучуваат дека Бог ќе „испрати ангел да ве чува“, „ќе стане непријател на вашите непријатели“, „ќе ви донесе благосостојба“ и „ќе ги излекува болестите“.
Меѓутоа тоа не бил првпат Вајт да бара пари во замена за „натприродна заштита“. Во март 2020 година требала да биде главна говорничка на верска конференција во Феникс, Аризона, за која се продавале билети, а конференцијата била најавена како настан што носи „натприродна заштита од коронавирусот“ и „лек за секој вирус и епидемија“. По бурните реакции, Вајт се повлекла од конференцијата.
Додека пак во неодамнешното видео што го објавил порталот „Right Wing Watch“, Вајт ветила „натприродни благослови“ на оние кои ќе уплатат пари на нејзината евангелистичка служба „Paula White Ministries“.
Вајт во снимката тврди дека во пресрет на празникот Велигден може да се примат седум посебни благослови ако се „почитува Бог“, повикувајќи се на Книгата Излез. Тие благослови – вклучувајќи „Божја заштита“, „исцелување“, „благосостојба“ и „победа над непријателите“ – детално се набројани и на нејзината официјална страница.
„Не го правите тоа за да добиете нешто“, вели Вајт додека ги крева рацете, а во заднина се слуша свирење на пијано. „Го правите тоа во чест на Бог, свесни за тоа што можете да примите“.
По нејзината изјава, во видеото се појавува наратор кој вели: „За вашата специјална велигденска понуда од 1000 долари или повеќе, како што ве вдахновува Светиот Дух, ќе добиете и прекрасен кристален крст висок 25 сантиметри. Не пропуштајте ја можноста да внесете седум натприродни благослови и Божја грижа во вашиот живот“.
















