Аргентина: Ученик отвори оган во училиште, убиено едно, a повредени неколку лица

Макфакс

30/03/2026

20:22

247

Големина на фонт

а а а

Денес, 15-годишно момче отвори оган во училиштето Маријано Морено во градот Сан Кристобал во аргентинската покраина Санта Фе, убивајќи еден ученик и повредувајќи осум други, објавија властите.

Напаѓачот е приведен веднаш по инцидентот, пренесува аргентинскиот портал „Насион“, според локалните власти.

Шест ученици се здобиле со полесни повреди додека бегале од местото на настанот и сите се надвор од животна опасност.

Двајца други ученици се префрлени во Регионалната болница „Рафаела“, од кои едниот е во сериозна, но стабилна состојба.

Според еден од учениците, напаѓачот бил виден како излегува од тоалетот со пиштол и почнал да пука во воздух, по што сите почнале да бегаат.

Инцидентот се случил додека учениците чекале да се крене националното знаме, ритуал што се изведува секојдневно пред почетокот на училиштето во градот со околу 16.000 жители.

Властите веруваат дека напаѓачот користел пушка. Наставата била привремено прекината, а учениците биле испратени дома.

Идентитетите на напаѓачот и жртвите не беа веднаш објавени.

Судските власти објавија дека 15-годишното момче кое отвори оган во училиштето „Маријано Морено“ во Сан Кристобал нема да биде гонето според важечкото законодавство, бидејќи новиот Закон за малолетничка кривична постапка, кој предвидува кривична одговорност на 14 години, сè уште не стапил на сила и ќе се спроведе за 180 дена.

Според важечките прописи, најдолгата казна што може да му се изрече на малолетник е 15 години затвор во специјализиран центар за малолетници, со програми за ресоцијализација, до полнолетство, кога ќе се разгледа евентуално префрлање во редовниот затворски систем.

Судските власти ќе утврдат и како момчето го набавило огненото оружје и дали постои одговорност од страна на родителите или возрасните од неговата непосредна околина.

Каролина Морели ја нагласи потребата од посилно ангажирање во образовната и социо-емоционалната работа со учениците, вклучително и следење на нивното семејство и социјална средина, пренесува Танјуг.