Ја претепал Ивана затоа што го згрешила излезот, па ја оставил со Катја среде ноќ на автопат, ја заклучил ќерката во станот за да оди на вежбање: Потресни сведоштва на мајката на Ивана

Точка

30/03/2026

17:12

3.024

Големина на фонт

а а а

Судењето против Стојанче Јовановски, кое започна денес, продолжи со исказот на Љубица Стојаноска од Скопје – мајка на неговата сопруга Ивана, која на 2 март во скопската населба Тафталиџе си го одзеде животот заедно со својата шестгодишна ќерка.

Таа зборуваше за насилството што го трпела нејзината ќерка и за, како што рече, неактивноста на институциите и полицијата која ги убедувала со зборовите: „Ај сега смирете се”.

Според обвинението, Јовановски се товари за загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

Стојаноска раскажа дека во август минатата година Ивана решила да се врати кај родителите, откако подолго време трпела физичко и психичко насилство, често и пред детето. Но, и по нејзиното заминување, проблемите продолжиле, а полицијата, како што тврди, не реагирала соодветно.

Кога Ивана се вратила во заедничкиот стан во Карпош за да земе лични работи, таму бил Стојанче и, според сведочењето, ја нападнал.


„Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, ми кажа дека Ивана била нападната од Стојанче и оти некако излегла. Ме советуваше да пријавам во полиција зашто по физичкиот напад од сопругот, не знаеле каде е Ивана. Пријавив, полицијата ме викна во станица. Отидов со Катја. Дојде и Ивана со оток и црвенило на вратот и модрици на рацете. Ја зедоа Катја горе да ја анимираат и опуштат, но и да разговараат со детето”, изјави Љубица.

Следниот ден, од страв, Ивана не отишла да го потпише полицискиот записник, по што започнала постапка за развод.

Мајката наведе и друг сериозен инцидент. Враќајќи се од свадба од Штип, Ивана наводно го згрешила патот, што довело до расправија.

„Враќајќи се лани од свадба од Штип, Ивана го згрешила патот. Се скарале, го запрел возилото. Ги извадил со детето надвор, фатил да ја удира на сред автопат. Откако ја изнатепал, ги оставил неа и детето среде автопат во глуво доба и си заминал“, сведочеше Љубица.

Подоцна, како што беше кажано, Катја се пожалила дека и самата била удрена. По повик за помош, пријателот Мартин Саздов ги земал од автопат и ги однел на безбедно.


По овој настан, Ивана се вратила кај родителите, кажувајќи: „Тато, не можам да издржам веќе!”.

Стојаноска истакна дека и покрај сè, детето чувствувало љубов кон таткото, но било длабоко трауматизирано од случувањата.

„Му се јавил на Мартин и му рекол: ’Двете к*рви ги натепав’”, сведочеше таа. Како сведок во постапката е повикан и Мартин Саздов.

Во своето сведочење, Љубица пренесе и разговори на детето, кое поставувало прашања за односите во семејството: „Како може тета Ивана (сестрата на Стојанче) да ме сака, а тато да е лош? Може ли сестра да е добра, а брат да е лош?”.

Во текот на бракоразводната постапка, Ивана дозволувала средби меѓу таткото и детето, но останувала во близина од страв дали ќе биде вратено.

Детето споделувало и искуства од тие средби: „Мамо, бевме со една жена со машко дете и жената јадеше, па изрони храна во кола. Тато неа ѝ рече: ништо, ништо, а нас не исфрла од кола ако извалкаме”, сведочеше Љубица.

На прашање, таа посочи дека во училиштето било познато дека родителите се во постапка за развод, како и дека детето било изложено на насилство и вознемирувачки ситуации.


Иако извесен период престојувала кај родителите, Ивана на 19 декември, за време на семејната слава Свети Никола, се вратила да живее со Стојанче во станот на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Скопје.

Сведокот истакна и дека Ивана била хоспитализирана поради хематом во стомакот, предизвикан од силен удар, при што постоела опасност од итна операција.

„Кога отидовме со сестра ми во болница да ја видиме Ивана, дознав дека била бутната по скали”, рече Љубица.

Таа додаде дека и во болница настанал нов инцидент. „Вчера јадевме ѓевречиња, тато ме заклучи и отиде да вежба”, им кажала Катја на медицинските сестри откако признала дека била гладна.

По овој настан, како што беше посочено, на Клиниката за хирургија интервенирале полиција и социјалните служби, но детето сепак било однесено дома. Ивана по излегувањето од болница повторно се вратила кај детето и продолжила да се грижи за домот. Според сведочењето, за насилство врз Ивана, во еден момент и мајката на обвинетиот поднела пријава против него. Судењето продолжува.

Фото: Слободен печат