Лажица мед на „празен стомак“ не е добра навика: Експертка откри како наутро влијае врз здравјето и која е подобрата замена

Точка

29/03/2026

13:45

576

Големина на фонт

а а а

Лажица мед наутро, на „празен стомак“, со години се претставува како здрава навика што треба да се усвои, меѓутоа, во пракса и врз основа на она што го знаеме од современата нутриционистичка и медицинска литература, време е оваа порака да се преиспита, а уште поважно — да се замени со подобра, истакнала за „Блиц“ Миа Пешиќ Јоловиќ, нутриционистка-диететичарка.

Според неа, природно не значи автоматски и здраво во секој контекст. Медот, навистина, има свое место и време во исхраната, а тоа не е утрото.

Таа додала дека тој не е толку посебен како што мислиме. Иако е природен, медот по својот состав пред сè е — шеќер.

Доминантно содржи:

фруктоза — околу 40 отсто

глукоза — 30 до 35 отсто.


„Поради тоа, метаболички се однесува многу слично како и другите едноставни шеќери. Водечките здравствени организации го вбројуваат медот во категоријата слободни шеќери, што значи дека организмот брзо го апсорбира и дека директно влијае на нивото на гликоза во крвта“ објаснила Јоловиќ.

Зошто мед не треба да се зема на „празен стомак“?

Како што објаснила, кога денот се започнува со лажица мед:

🍯доаѓа до нагло покачување на шеќерот во крвта,

🍯панкреасот реагира со засилено лачење инсулин,

🍯енергијата трае кратко, а потоа доаѓа до пад.


Во пракса тоа значи:

🍯побрзо чувство на глад,

🍯поголема желба за благо во текот на денот,

🍯нестабилна енергија.

„Затоа оваа навика не ја сметам за добра, особено ако се повторува секојдневно. Како нутриционистка, не препорачувам земање мед на празен стомак и советувам оваа навика постепено да се укине“, нагласила нутриционистката.


Дали медот е штетен?

Медот не е штетен, и Јоловиќ истакнала дека е важно тоа јасно да се каже.

Како што рекла, медот во умерени количини:

може да има антиоксидантски својства

е подобар избор од рафинираниот шеќер во одредени ситуации.

„Но, тоа не значи дека треба да биде дел од утринскиот ритуал, ниту дека има посебна заштитна улога како што често се верува. Неговиот нутритивен придонес во количините што ги внесуваме е ограничен, додека влијанието врз шеќерот во крвта е многу конкретно“, појаснила таа.

Прополисот е подобар избор за имунитетот

Според нејзините зборови, ако целта на утринската рутина е зајакнување на имунитетот, прополисот е функционално посилен избор од медот.

За разлика од медот, прополисот:

содржи концентрирани биоактивни супстанции,

има поизразено антимикробно и антиинфламаторно дејство,

се користи во мали количини, без оптоварување со шеќер.

„Затоа во пракса често советувам, ако веќе имате утрински ритуал, тоа да биде прополис, а не мед“, додала Јоловиќ.


Како што рекла медот е најдобро да се користи:

🍯при подготовка на оброци,

🍯во чаеви, кога не се врели,

🍯во здрави десерти.

„Бидејќи е посладок од шеќерот, се користи во помала количина и токму тука доаѓа до израз неговата предност“, истакнала нутриционистката.


Таа додала дека во работата со пациентите не воведува забрани без причина, но постојат навики што едноставно немаат реално оправдување.

„Лажица мед на празен стомак е една од нив. Не го носи бенефитот што се очекува, ја нарушува стабилноста на енергијата и долгорочно ја одржува потребата за благо. Затоа мојот совет не е да се намали, туку да се замени со подобар избор. Бидејќи природно не значи автоматски и здраво во секој контекст. Медот има свое место во исхраната, но утрото не е тоа место. Ако сакате стабилна енергија, подобра концентрација и вистински ефект врз организмот, денот не треба да започнува со шеќер, туку со квалитетен оброк и по потреба, со функционален додаток како прополис“, советува Јоловиќ.