Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека многу европски земји се подготвени да дејствуваат заедно за да обезбедат слобода на пловидба низ Ормускиот теснец, еден од клучните енергетски центри во светот.
Руте нагласи дека европските земји се подготвени да се соберат и да разговараат какви конкретни чекори можат да преземат за да го одржат теснецот отворен и безбеден за меѓународен сообраќај.
Неговата изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги критикуваше сојузниците на НАТО, обвинувајќи ги дека не пружиле никаква помош во конфликтот на САД со Иран.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, тој изјави дека Иран е „воено десеткуван“, но, исто така, рече дека на Соединетите Американски Држави „не им треба ништо од НАТО“.
Зборувајќи за трошоците за одбрана, Руте истакна дека сојузниците донеле „историска одлука“ да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од БДП по самитот во Хаг во 2025 година. Во текот на годината е постигнат значителен напредок и за прв пат сите членки ја исполнија претходно договорената цел за 2014 година од најмалку 2% од БДП за одбрана.
Според него, Европа и Канада ги зголемиле трошоците за одбрана за 20% во 2025 година во споредба со претходната година. Руте нагласи дека продолжувањето на овој тренд ќе биде клучно во наредниот период.
„Предолго време, европските сојузници и Канада премногу се потпираа на воената моќ на САД и не преземаа доволно одговорност за сопствената безбедност. Но, денес сме сведоци на вистинска промена на начинот на размислување и заедничко разбирање на новата безбедносна средина“, заклучи Руте.








