Среде ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран, неочекуван играч на глобалниот пазар на одбранбена опрема привлекува сè поголемо внимание: Јужна Кореја.
Нејзиниот напреден противвоздушен систем „Чеонгунг II“ (M-SAM Block II) одеднаш се најде во центарот на интересот меѓу земјите од Блискиот Исток, кои бараат ефикасна заштита од балистички ракети и дронови.
Карактеристики на ПВО-системот „Чеонгунг II“
Станува збор за систем земја-воздух со среден дострел, познат и како „M-SAM Block II“, кој наводно постигнал импресивна стапка на пресретнување од 96 отсто за време на неодамнешните ирански ракетни напади врз Обединетите Арапски Емирати.
Токму таа висока ефикасност, заедно со значително пониската цена во споредба со американските системи, го направи исклучително атрактивен за купувачите.

Според пишувањето на британскиот весник „Индепендент“, земјите од Блискиот Исток сè повеќе покажуваат интерес за оваа технологија бидејќи нуди сигурна одбрана со побрза испорака и помала зависност од американските производители.
Обединетите Арапски Емирати беа првиот купувач на системот, а потоа следуваа Саудиска Арабија и Ирак.
По неговата неодамнешна успешна употреба во реални борбени услови, интересот дополнително порасна, а Емиратите веќе побараа дополнителни количини.
Трипати поевтин од американскиот „Патриот“
„Чеонгунг II“ често се споредува со американскиот систем „Патриот ПАЦ-3“, но со клучна разлика: цената на еден пресретнувач е околу еден милион долари, додека американскиот еквивалент достигнува и до четири милиони.

Покрај тоа, роковите за испорака на корејскиот систем се значително пократки.
Иако американските системи како „Патриот“ и „ТХААД“ (THAAD) веќе се присутни во регионот, сè повеќе земји се свртуваат кон јужнокорејските решенија за да ги диверзифицираат своите одбранбени капацитети.













