[ФОТО] „Ги проучував психопатите, сметам дека е доблест да се биде ладен и без емоции“: Момчето-убиец од Рибникар повторно сведочеше пред суд, ова се деталите

Точка

26/03/2026

12:13

1.737

Големина на фонт

а а а

Момчето-убиец од ОУ „Владислав Рибникар“ вчера по вторпат од масакрот во училиштето беше изведено од психијатриска установа за да сведочи во Специјалниот суд во Белград во повторената кривична постапка што се води против неговите родители, Миљана и Владимир Кецмановиќ.

Неговото вчерашно сослушување траеше цели пет часа зад затворени врати, а беше одбележано со шокантни изјави во кои призна како добил инспирација за злосторството, но и неочекуван пресврт во кој првпат застана во одбрана на својата мајка.

Филмско спроведување со чадори

Изведувањето на момчето-убиец од клиниката вчера започна под строги безбедносни мерки. Околу 7:30 часот полицијата и инспекторите во цивил се распоредија на двата влеза, а точно во осум часот инспекторите со брзи чекори го спроведоа до возило на Итната помош. На главата имаше капа, а секунда по излегувањето од зградата полицајците отворија чадори за целосно да го сокријат од очите на јавноста.


По маратонското давање исказ, момчето со санитетско возило беше вратено во установата во која е сместено од 3 мај 2023 година. По излегувањето од Итната помош, полицајците повторно ги подигнаа чадорите, додека тој, со наведната глава, со голема брзина истрча од возилото и втрча во психијатрија. За разлика од утринското излегување, овојпат на себе не носел ни маска ни капа.


„Да ги немав пиштолите на татко ми, ова немаше да го направам“

Тој пред судницата најпрво истакна дека останува на сè што изјавил на претходното судење.

Одговорноста за тоа што оружјето му било достапно ја префрли на таткото.

„Да ги немав пиштолите на татко ми, ова немаше да го направам“, изјавил тој пред судот минатиот пат.

Тогаш сведочел дека масакрот го извршил со два пиштоли на татко му кои ги пронашол во ормар и два дена пред злосторството ги преместил во својата соба. Притоа открил и како дошол до страшната замисла, признавајќи дека идејата ја добил додека на „Јутјуб“ гледал документарец на тема масовно убиство во едно американско училиште.

Кога мајката на убиениот Андрија Чикиќ го прашала зошто го направил тоа, тој кратко одговорил: „Се чувствував отфрлен“, по што му се слошило, па морале да реагираат лекарите, а исказот продолжил да го дава седејќи.


Како што истакнал извор од белградските медиуми, во текот на ова судење повторил дека татко му го носел во стрелиште.

„Малолетниот убиец сведочеше денес повторно во постапката против родителите Миљана и Владимир Кецмановиќ, кога одговараше на прашања при што уште еднаш потврди дека татко му го носел во стрелиште и дека лесно дошол до оружје. Исто така беше прашан зошто воопшто го расклопил оружјето по извршениот масакр, на што одговорил дека тоа го направил од навика која, како што вели, ја стекнал во стрелиштето“, вели изворот.

Според зборовите на изворот, бил прашан и дали долго го барал оружјето низ куќата, на што одговорил дека не, туку барал само во спалната соба и таму и го пронашол.

„Тоа практично значи дека тој потврдил дека пиштолите на татко му му биле лесно достапни, практично „на дофат на рака“ и ја побива одбраната на Владимир Кецмановиќ, кој тврдеше дека соодветно го обезбедил оружјето и го држел надвор од дофат на децата“, објаснува изворот.

„Татко ми ме нарече психопат“

Момчето-убиец овојпат на сослушувањето призна дека, откако татко му го нарекол психопат, почнал да ги проучува и целосно се идентификувал со нив.


„Почнав да истражувам психопати, го проучував психопатското однесување и во тој период додека ги проучував, целосно се поистоветив со нив. Сметам дека е доблест да се биде ладен и без емоции“, ладнокрвно изјавил момчето-убиец пред судот.

Пресврт на судењето: „Сега разбирам бидејќи созреав“

Најголемото изненадување на вчерашното рочиште беше обидот на момчето да ја аболира мајката Миљана Кецмановиќ. За време на претходното судење, тој ја обвинуваше мајка си тврдејќи дека постојано викала по него и барала да биде најдобар, како и дека нејзиното однесување влијаело врз него да го изврши злосторството. Вчера тој исказ го приспособи во корист на нејзината одбрана.

Тој изјавил дека барањата на неговата мајка сепак не влијаеле на неговата одлука да го изврши масакрот, додавајќи дека тоа го сфатил дури сега „бидејќи созреал“.

За училиште користел лажни оправдувања

Одговарајќи на прашања, се осврнал и на своите училишни денови, признавајќи дека манипулирал со отсуствата, кои изнесувале дури 211.

„Еднаш бев настинат, а за останатите денови се правев дека сум болен, бидејќи ми беше напорно да одам на училиште“, објаснил.

По судењето, адвокатката Зора Добричанин Никодиновиќ, полномошничка на семејствата на оштетените, изјавила дека со вчерашниот исказ се добиени „бетонски докази“ во корист на потврдувањето на обвинението против родителите.


Укинат поголем дел од првостепената пресуда за Владимир и Миљана Кецмановиќ

Момчето-убиец во оваа судска постапка официјално има статус на оштетено лице и не е кривично одговорен бидејќи во моментот на злосторството немал наполнето 14 години. Постапката се води исклучиво против неговите родители.

Апелациониот суд во Белград неодамна укина поголем дел од првостепената пресуда со која Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години, а мајката Миљана на три години затвор, поради што судењето започна одново.

Таткото се товари за тешко дело против општата безбедност затоа што го обучувал синот да пука и не го чувал соодветно оружјето, додека мајката е обвинета за занемарување и злоупотреба на детето, пренесува српски „Blic“.