Неодамнешна дебата на популарната страница „Reddit“ повторно го отвори вечното прашање: кој главен град на Балканот е најнепривлечен.
Корисниците од целиот регион не штеделе зборови, а во морето коментари два града се издвоиле како главни фаворити.
Социјалните мрежи отсекогаш биле совршено место за разменување мислења, а кога ќе се започне тема за балканските градови тогаш полемиката е навистина искрена.
Неодамна на популарната платформа „Reddit“ се појавило едно прилично провокативно прашање кое предизвикало лавина коментари.
Почетната објава која ја иницирала дискусијата гласела:
„Сериозен разговор: Кој главен град на Балканот по ваше мислење е најгрд? И, зошто?“.

Корисниците од целиот регион не штеделе зборови, а како главни фаворити се нашле Подгорица и Скопје.
Најмногу негативни поени и неславната титула дефинитивно ја однела Подгорица која поголем дел од корисниците ја издвоиле како најмалку привлечна.
Многумина се согласиле дека црногорската престолнина нема доволно шарм и дека повеќе потсетува на попатна станица отколку на вистински главен град, а еден од коментарите ја опишал како „безличен град“.

Други се обиделе подетално да го објаснат својот став, истакнувајќи ја нејзината историја. Како некогашен Титовград, градот речиси целосно бил уништен во текот на Втората светска војна, а неговиот денешен изглед во кој доминираат социјалистичкиот реализам и бруталните блокови, за многумина е одбивен.
„Подгорица е едноставно лоша. Луѓето се прекрасни. Ја сакам таа земја. Но, тоа е најмалку интересен главен град. Тука е седиштето на парламентот и слични работи. Во секој втор поглед, тоа е „провинциски град“, заклучил еден корисник.

Главниот град на нашата земја – Скопје, исто така се нашол на мета на остри критики, а главната причина за тоа е проектот „Скопје 2014“, чија цена од почетни 80 милиони евра, се зголемила на меѓу 500 и 700 милиони евра.
Со проектот на градот се обидоа да му дадат „класичен изглед“, но многу од архитектите го осудија како „националистички кич“ и „дизнификација“.
Во многу од коментарите архитектурата била наречена „урбанистички масакр“, истакнувајќи дека Скопје некогаш бил град удобен за живот.

Доколку го занемариме „масакрот“ којшто го направиле во центарот на градот, тогаш Скопје изгледа како било кој друг град од поранешна Југославија. Единствена светла точка е старата чаршија, инаку од една страна дистописка, а од другата целосно балканско предградие.
Градот е опишан како „супер кич“, што според зборовите на еден коментатор го прави забележлив, но на многу лош начин.















