„ДУИ не ја владеe материјата“ – Мицкоски по наводите за увоз на струја

Макфакс

25/03/2026

15:51

148

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ДУИ не ја владее материјата, по тврдењата на Интегративците дека ЕСМ од почетокот на 2026 година потрошила околу 24 милиони евра за увоз на електрична енергија.

„Добро што излегоа од реториката на национализам, етнополитика, на фолклор и ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но, лошо е што не ја владеат материјата и тоа што го зборуваат е спротивно на вистината“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

ЕСМ во текот на ноќните часови извезува, односно продава на берзите околу 850 мегават-часови електрична енергија, што дневно носи додадена вредност од 100 до 150 илјади евра, според зборовите на премиерот. Додаде и дека постојат периоди од годината кога се увезува струја, а постојат периоди и кога ќе се извезува.

Премиерот истакна дека долговите и трансферите од буџетот од 150 до 200 милиони евра, кои, како што рече, завршувале во фирми со сомнителни зделки и набавка на мазут и јаглен по повисоки цени, се минато.

„АД ЕСМ веќе не е таа што беше кога беше владата на СДСМ и ДУИ. Ова е компанија што денеска продава на берза и заработува на дневна основа помеѓу 100 и 150 илјади евра“, изјави тој.

По изјавите на Мицкоски, ДУИ испрати реакција во која бара јасни одговори и нагласува дека дебатата треба да се води врз основа на факти.

„Фактите се јасни“, наведуваат од ДУИ, посочувајќи дека од 1 јануари 2026 година се реализирани набавки на електрична енергија во вредност од околу 25 милиони евра.

Според партијата, станува збор за набавка на базна енергија од 140 MWh, што, како што велат, значи купување и во ноќните часови кога побарувачката е намалена, при што количините на увоз ја надминуваат продажбата.

„Ова не е прашање на политичка интерпретација. Ова е прашање на бројки, економска логика и одговорно управување со државните ресурси“, наведуваат од ДУИ.

Оттаму додаваат дека доколку Владата смета дека ваквата политика е оправдана, треба тоа јасно да го образложи пред јавноста со факти и аргументи.

„Јавната дебата мора да се води со факти, затоа што граѓаните заслужуваат одговори, а не досетки“, се вели во реакцијата на ДУИ.