Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предизвика остри реакции во европските престолнини со својата недвосмислена поддршка за војната што Доналд Трамп ја започна против Иран. Неговите изјави доаѓаат во момент кога Европа се соочува со енергетски шок предизвикан од конфликтот, што создава дополнителни тензии во рамките на трансатлантскиот сојуз, пишува „Фајненшл тајмс“.
Изјавата на Руте дека европските сојузници на крајот ќе се обединат и ќе одговорат на повикот на американскиот претседател за испраќање поморски сили во Ормускиот теснец ги налути официјалните лица во повеќе европски главни градови, потврдиле дипломати од сојузот за ФТ. Со тоа се продлабочуваат тензии во НАТО околу прашањето колку далеку треба да се оди во исполнувањето на барањата на најголемата членка.
„Ова нè става во навистина непријатна и незгодна позиција“, изјавил еден дипломат на ЕУ. „Сакаме да покажеме добра волја, но исто така е вистина дека не сме во состојба на кој било начин да се вклучиме во конфликтот.“
Непријатноста што преовладува во многу европски престолнини поради конфликтот, кој предизвика хаос на Блискиот Исток и доведе до нагло зголемување на цените на нафтата и гасот, е во остар контраст со коментарите на Руте. Тој и досега беше познат по настојувањата да го смири и пофали Трамп за да го задржи САД ангажиран во воениот сојуз.
„Тој го прави тоа за целиот свет да биде безбеден“, изјави Руте во неделата, зборувајќи за одлуката на Трамп да го бомбардира Иран. „Сосема е логично дека на европските земји им требаат неколку недели да се усогласат“, додаде тој, мислејќи на барањето на американскиот лидер сојузниците од НАТО да се приклучат на поморските сили за придружба на бродови низ Ормускиот теснец, кој Иран го блокираше.
Трамп ги критикуваше сојузниците од НАТО затоа што не одговориле веднаш на неговиот повик, нарекувајќи ги „кукавици“ и предупредувајќи дека без САД, НАТО е „тигар од хартија“. Откако се врати на функцијата минатата година, американскиот претседател редовно го тестира трансатлантското единство – од трговијата и издвојувањата за одбрана до заканите со инвазија на Гренланд.
Земјите на Европската унија, од кои сите освен три се и членки на НАТО, минатата недела колективно го одбија повикот на Трамп за мисија во Ормускиот теснец. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас за конфликтот изјави: „Ова не е наша војна“. Сличен став изнесоа и министрите од Германија, Италија и Шпанија.
Тројца европски дипломати од земји членки на НАТО изразиле загриженост поради несразмерот меѓу изјавите на Руте и ставот на мнозинството европски престолнини. Иако не гледаат причина директно да го критикуваат Трамп, не се согласуваат ни со поддршката за неговата одлука за започнување на војната, рекле тие.
„Оваа војна е, згора на тоа… политички катастрофална грешка за сите вклучени“, изјави во вторникот германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. „И тоа најмногу ме фрустрира: војна што навистина можеше да се избегне и беше непотребна.“
Началникот на Генералштабот на француската армија, Фабиен Мандон, во вторникот изјави дека САД „стануваат сè понепредвидливи и дури не се ни обидуваат да нè известат кога одлучуваат да започнат воени операции“. „Тоа влијае на нашата безбедност. Влијае на нашите интереси“, додаде Мандон.
Еден официјален претставник на НАТО изјавил за ФТ: „НАТО не е вклучен во војната во Иран, но внимателно ја следи ситуацијата за сојузниците да бидат безбедни. Генералниот секретар е во постојан контакт со лидерите низ сојузот.“
Некои европски престолнини, предводени од Париз, сигнализирале подготвеност евентуално да се вклучат во поморски патроли во теснецот по завршувањето на војната. Целта би била да се заштити околу една петтина од вкупната светска испорака на нафта и гас што минува низ овој клучен пловен пат, кој го поврзува Заливот со меѓународните пазари.
Во исто време, некои европски функционери неофицијално се спротивставуваат на оценката дека ова „не е наша војна“, имајќи го предвид огромното влијание што конфликтот го има врз цените на нафтата и гасот, што ги зголемува трошоците за домаќинствата и компаниите низ Европа.
„Последиците се наши, значи и конфликтот е наш“, изјавил еден функционер, додавајќи дека бројни престолнини се во контакт со земјите од Блискиот Исток погодени од војната, со цел да се најде дипломатско решение.
Тензиите околу односот кон конфликтот и ставот на Трамп доаѓаат во момент кога американскиот државен секретар Марко Рубио во петок патува во Франција на разговори со колегите од групата Г7. Стејт департментот соопшти дека ќе се „разговара за заеднички безбедносни прашања и можности за соработка“.
















