Муцунски: Поставуваме основа за подлабока економска и трговска соработка со Полска

Макфакс

25/03/2026

17:03

105

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на покана на заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Полска, Радослав Шикорски, престојуваше во работна посета на Варшава, Полска.

На средбата со својот домаќин, министерот Муцунски изрази задоволство од високиот степен на развој на македонско-полските односи, кои се цврсто поставени на позитивна патека, како и од искреното пријателство и споделените вредности што двете земји ги негуваат повеќе од три децении. Притоа нагласи дека тоа претставува солидна основа за континуиран раст и унапредување на севкупната соработка.

Двајцата министри се согласија дека во претстојниот период значаен фокус ќе биде ставен на продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и привлекување нови полски инвестиции во државата.

Важен дел од разговорите беше посветен на евроинтегративниот процес, при што министерот Муцунски се заблагодари за континуираната полска поддршка. Тој нагласи дека Полска е еден од најдоследните и најгласни поддржувачи на политиката за проширување на Европската Унија, посочувајќи го нејзиниот активен ангажман во повеќе формати, вклучително и Вишеградската група, групата „Пријатели на проширувањето“ и Вајмарскиот триаголник.

Соговорниците разговараа и за одличната соработка како земји-сојузнички во НАТО, како и за актуелни регионални, глобални и безбедносни прашања.

Во рамки на заедничката прес-конференција, министерот Муцунски истакна дека партнерството меѓу двете земји е резултат на повеќе од три децении доверба, соработка и заедничка визија.

„Денес го потврдивме тоа партнерство и поставивме основа за негово натамошно продлабочување – особено во економијата и трговијата, како клучни столбови на нашите односи“, изјави министерот Муцунски.

Во рамки на посетата на Варшава, министерот Муцунски оствари средба и со претседателката на Комисијата за ЕУ во Сејмот, Агњешка Помаска, на која се разговараше за евроинтегративниот процес на државата, како и за значењето на парламентарната соработка во унапредувањето на билатералните односи.