Милановиќ: На Македонија ѝ се поставуваат премногу барања и услови за влез во ЕУ

Макфакс

24/03/2026

14:15

504

Големина на фонт

а а а

Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, е во официјална посета на Хрватска, каде што имаше средба со претседателот, Зоран Милановиќ. Тој коментираше за долгогодишниот процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија, нагласувајќи дека на земјата ѝ се поставуваат премногу барања и услови. Тој рече дека Северна Македонија сама одлучува за својот пат, објави Индекс.хр.

„Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат ќе го избере, претпоставувам дека тоа е патот на просперитет, мир и спокојство за граѓаните на Македонија. А вториот, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, е фасада, еден вид енергетска обнова, но она што прави куќа е внатрешноста. Ова се мои мисли, тие не се совет дури ни за соседот до кој живеам, а камоли за целата земја и народ. Ова важи и за Хрватска, ЕУ е надградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на наша земја, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот без ЕУ, и тој е успешен и достоинствен“, рече Милановиќ.

Индекс.хр пренесува дека македонската претседателка се согласила и со оценката дека кандидатскиот статус трае предолго.


„Посветено тргнавме по овој пат, добивме околу дваесет или повеќе позитивни извештаи, но преговорите сè уште не се одржаа. Од нас се бара да правиме најчудни работи. Од нас се бара да го промениме уставот“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека бара совет од други земји, како што се Албанија и Црна Гора, но нагласува дека нејзината земја бара Брисел да ги укине двојните стандарди и напредокот да се оценува според истите критериуми што важат за другите земји.


Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.

На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.


Претседателката нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди. Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања.

Таа порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.