Алиу: Успешно реализирани 16 трансплантации на рожница во соработка со тим експерти од САД

Макфакс

24/03/2026

14:22

165

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за очни болести по повод успешно реализирани трансплантации на рожница, во соработка со тим експерти од Америка.

„Во рамки на посетата на експертите од САД, успешно се реализирани вкупно 16 трансплантации на рожница. Оваа посета претставува значајно продлабочување на соработката што ја воспоставивме со нив при првата посета, кога беа поставени темелите на ова партнерство. Со оваа втора фаза, не само што продолжуваме со зголемен обем на интервенции, туку и дополнително ги зајакнуваме капацитетите на домашните тимови, преку трансфер на знаење и примена на најсовремени, минимално инвазивни техники. Особено значајно е што кај 6 пациенти беа применети современи минимално-инванзивни техники, при кои се трансплантира само дел од рожницата со микронска прецизност и без примена на шевови. Овие процедури се реализираат првпат во офталмологијата во нашата земја“, истакна министерот Алиу.

Тој посочи дека пациентите добиваат врвна здравствена услуга по светски стандарди во нашата држава, што претставува показател дека инвестицијата во знаење и меѓународна соработка носи директна корист за граѓаните.

„Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите граѓани – органодарителството е чин на хуманост кој спасува животи. Без донори, нема трансплантации. Токму затоа, работиме и на законски измени со кои ќе овозможиме секој граѓанин, додека е жив, да може да се изјасни дали сака да биде донор. Нашата цел е таа волја да биде примарна и целосно почитувана, а системот да биде транспарентен и доверлив“, додаде Алиу.

Воедно, тој ги поздрави напорите и ангажманот на одговорните лица за трансплантација, националната координаторка проф. д-р Билјана Кузмановска и нејзината заменичка, д-р Гавриловска, кои заедно со директорката на Клиниката за очни болести, д-р Наташа Шекеринов и експертите од Duke универзитетот од Америка, проф. д-р Вилијамс Лојд и д-р Шина Сонг, со нашите домашни тимови од Клиниката за очни болести воспоставија успешна соработка.