Најскапиот стан продаден во скопски Аеродром за 166.500 евра, за куќа во Центар платени 1,5 милиони евра: Објавен извештајот за пазарот на недвижности во 2025 година

Точка

24/03/2026

12:20

975

Големина на фонт

а а а

Пазарот на недвижности во 2025 година остана стабилен и активен, со висок интерес за инвестирање, при што урбаните средини продолжуваат да доминираат, покажува годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижностите.

Становите и понатаму се најпривлечен сегмент, сочинувајќи 33% од вкупните купопродажби и 48% од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови падна за 3,9%, нивната вредност порасна за 10,8%. Најактивни и најскапи општини се Центар, Аеродром и Карпош, со просечни цени од 1.692, 1.558 и 1.419 евра/м². Најскапиот стан бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, куќа во Центар за 1.500.000 евра, а деловен простор во Центар достигнал 6.800.000 евра.


Во текот на 2025 година биле реализирани вкупно 33.381 трансакција, што претставува раст од 7,6% во однос на 2024 година. Од нив, 23.470 се купопродажби (раст од 4%), додека 9.911 се закупи (раст од 17%). Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарда евра, при што најмногу средства биле остварени во четвртиот квартал – 314 милиони евра.

Земјоделското земјиште и шумите сочинуваат 31% од купопродажбите, додека градежното земјиште бележи раст на вредноста од 36% и учествува со 14%. Куќите учествуваат со 13% од купопродажбите, при што нивната вредност се зголеми за 37%. Најмногу трансакции се регистрирани во Центар (2.414), Аеродром (1.963) и Карпош (1.791).


Највисоката цена за стан по м² е постигната во Аеродром – 3.784 евра/м². Пазарот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, со најголем раст на просечната цена во Центар (31%), додека во Охрид е забележан пад од 4%.

Пазарот на закупи достигна вкупна месечна вредност од 4 милиони евра. Најголем удел имаат становите (35%) со раст на месечната закупнина од 15%, а следат деловните простори (34%) со раст од 24%, што покажува зголемена побарувачка за изнајмување.

Извештајот дава детална анализа на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности во Македонија за 2025 година, базирана на официјални податоци од регистарот на цени и закупнини, пренесува „Press24“.