Една навика со мобилниот телефон (а не е скролањето) би можела да биде полоша за мозокот отколку што мислите

Точка

23/03/2026

13:30

436

Големина на фонт

а а а

Нотификациите од социјалните мрежи, кои многумина ги сметаат за најиритантен дел од дигиталното искуство, воедно се и најштетни. Новото истражување покажува дека постојаните звучни сигнали и пораки се полоши за мозокот од вкупното време поминато пред екран.

Француско-швајцарската студија го потврдува она што многу корисници кои одамна ги исклучиле нотификациите веќе го насетувале: постојаните сигнали и „pop-up“ прозорци не само што иритираат, туку и докажано им штетат на когнитивните функции, пишува „Your Tango“.

Реални нотификации како клуч на истражувањето

Досегашните истражувања на оваа тема имаа клучен недостаток бидејќи користеа симулирани наместо вистински нотификации, со што изостануваше влијанието на реалното корисничко искуство.

Оваа нова студија го реши тој проблем со реплицирање на вистински нотификации кај 180 студенти со просечна возраст од 21 година. Станува збор за демографска група која е особено погодена од влијанието на паметните телефони врз вниманието и која во просек прима околу 100 нотификации дневно.

Личните пораки најмногу ја нарушуваат концентрацијата

За да го измерат одвлекувањето на вниманието, учесниците биле поделени во три групи и решавале психолошки задачи, како што е Струповиот тест, додека им се прикажувале различни видови нотификации. Една група примала нотификации за кои им било кажано дека се нивни и пренасочени од нивните уреди, друга гледала општи нотификации што припаѓале на некој друг, а третата заматени и нечитливи нотификации.

Истражувачите открија дека нотификациите го забавувале решавањето на задачите за седум секунди во сите групи. Ефектот бил најизразен кај оние кои мислеле дека гледаат сопствени, лични пораки. Утврдено е и дека емоционалниот набој на нотификациите ги засилува негативните ефекти, од доцнење во реакцијата до физиолошки промени како ширење на зениците, што покажува дека емоционалното влијание е подеднакво изразено како и когнитивното.


Проблемот не е во времетраењето, туку во прекините

Иако седум секунди не изгледаат многу, кога таков прекин се случува сто пати дневно, кумулативниот ефект станува значителен проблем со далеку поголеми последици од самото време поминато пред екран. Научниците не успеале да пронајдат цврста врска помеѓу вкупното време поминато пред екран и когнитивните нарушувања.

Се покажало дека нотификациите, а со тоа и зачестеноста со која испитаниците ги проверувале своите телефони, биле одлучувачки фактор. Можеби и најважниот заклучок е дека нотификациите имаат клучна улога во условувањето на корисниците постојано да ги проверуваат своите уреди и да реагираат на прекини.


Апликации дизајнирани да создаваат зависност

Овие резултати ја објаснуваат упорноста со која апликациите и интернет-страниците ги поттикнуваат корисниците да ги вклучат нотификациите. Нивната цел е да бидеме што повеќе деконцентрирани за да соберат што повеќе податоци за продажба во маркетиншки цели.

Тоа го поткрепуваат и претходните предупредувања од поранешни директори на технолошки компании, кои откриле дека апликациите за социјални мрежи се дизајнирани по примерот на автомати за игри на среќа за да создадат што посилна зависност. Затоа препораката е јасна: исклучете ги нотификациите. Никој не заслужува таков пристап до вашиот мозок.