Патописецот Роберт Дацешина објави видео на YouTube за престојот во Луксембург и како е да се живее 48 часа во најбогатата земја во светот.
„’Мал, но моќен’ би бил веројатно најлесниот начин да се опише Големото Војводство Луксембург, како официјално се вика таа земја. Опкружено со Германија, Франција и Белгија, многумина патници го заобиколуваат, но оние кои малку подобро ќе го запознаат се изненадуваат кога ќе видат колку нешта се сместени на толку мала површина.
Луксембург е последното големо војводство во светот, а покрај тоа што е најбогатата земја во светот, е и една од шесте земји основачи на Европската унија. Во Луксембург се наоѓаат неколку важни европски институции, без разлика на тоа што има најмалку жители од сите земји на Европската унија“, вели Роберт Дацешин, патописец од Бања Лука, кој неуморно го истражува светот, пишува и објавува книги, а неговите доживувања на YouTube редовно ги следат повеќе од 150.000 луѓе.
Повеќе од половина од жителите се странци
„Земјата има три официјални јазици: германски, француски и луксембуршки, а секој се користи во одредени прилики. Францускиот обично се користи во државните институции, германскиот во бизнис-круговите, а луксембуршкиот најчесто во секојдневни ситуации меѓу луѓето. Исто така, многу интересен е образовниот систем кој ги распоредил овие три јазици, така што луксембуршкиот се користи претежно во основното училиште, германскиот во средното, а последната фаза на школување обично се одвива на француски. Превладувачка религија во земјата е римокатоличка, а повеќе од 50% од населението го сочинуваат странци“, вели Роберт за земјата што неодамна ја посетил, пренесува „Punkufer“.
Одлични плати
Според извештајот на ММФ за 2024 година, Луксембург е најбогатата земја во светот. БДП по жител во Луксембург е највисок во Европската унија – изнесува 90.900 евра, што е значително над просекот на ЕУ (35.500 евра). Просечната плата во земјата, според податоците на Евростат, изнесува 42.482 евра годишно или 3.540 евра месечно (нето). Тоа е речиси двојно повеќе од просечната плата во ЕУ – 18.372 евра годишно (1.531 евра месечно).
Земја во која се работи помалку, а се ужива повеќе
Параметрите кои биле земени предвид во рамките на истражувањето „Квалитет на живот“ (Quality of Life) на Универзитетот Оксфорд при рангирањето на земјите вклучуваат просечен број работни часови неделно, должина на годишен одмор, процент на жители кои имаат непречен сон ноќе, должина на животниот век и чувството на среќа кај испитаниците во секоја земја опфатена во истражувањето.
Според зададените критериуми, на врвот е Луксембург, меѓу другото и благодарение на системот во кој работодавачите ги наградуваат вработените со повеќе годишен одмор што се постари. Така, работниците постари од 55 години во оваа земја во просек имаат 36 дена платено годишно отсуство.
Дали патувате во Луксембург или само сакате да знаете повеќе за оваа прекрасна земја, погледнете го видеото на Роберт.
















