Во Албанија усвоена резолуција: Иран е земја што спонзорира тероризам

Макфакс

17/03/2026

13:56

161

Големина на фонт

а а а

Денес, Парламентот на Албанија усвои резолуција со која Иранската револуционерна гарда ја прогласи за терористичка организација.

Во резолуцијата се наведува дека Иран е земја што спонзорира тероризам, пренесува АП.

Резолуцијата ја предложи Социјалистичката партија на Албанија, а беше усвоена на пленарна седница на која не присуствуваа претставниците на Демократската партија на Албанија, објави агенцијата АТА.

Претседателот на парламентарната група на социјалистите, Таулант Бала, ги повика пратениците да го поддржат документот, наведувајќи дека тој е поврзан со клучни прашања од меѓународната безбедност, борбата против тероризмот и одговорноста на државите што го поддржуваат или толерираат.

Тој рече дека борбата против тероризмот денес е и борба за заштита на демократијата, владеењето на правото и зачувувањето на меѓународниот мир и стабилност.

Бала нагласи дека Албанија е јасно посветена на меѓународен поредок заснован на правила и соработка против тероризмот, нагласувајќи дека како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, има обврска да придонесе за колективната безбедност.

Тој додаде дека прашањето не е само геополитичко, потсетувајќи дека Албанија беше цел на сериозен сајбер напад врз државните институции во 2022 година, додека, како што рече, парламентот неодамна беше изложен на нов сајбер напад.

Според него, целта на резолуцијата е јасна осуда на секаков облик на државна поддршка на тероризмот.