Иако не го води Реал Мадрид од минатото лето, Карло Анчелоти сè уште со големо внимание ги следи настаните во клубот од шпанската престолнина. Актуелниот селектор на Бразил во интервју за „Марка“ зборуваше за неговиот однос со клубот, за Килијан Мбапе, но и за предизвикот да се работи со новата генерација бразилски фудбалери.
Сезоната во Реал Мадрид е многу турбулентна. Откако Анчелоти ја напушти клупата минатото лето, Реал му ја даде довербата на Чаби Алонсо. Сепак, набрзо стана јасно дека поранешниот играч од средниот ред не се чувствува удобно во улогата на тренер на најголемиот клуб во Шпанија.
Проблемите во соблекувалната и недоволното искуство во сложените односи во клубот доведоа до негово брзо заминување. Како привремено решение, беше ангажиран Алваро Арбелоа, кој досега успеа да го стабилизира тимот и да донесе солидни резултати.
Додека Реал поминува низ процес на генерациска промена, а помладите играчи сè уште го бараат својот идентитет, Анчелоти внимателно го следи нивниот развој.
„Животот има свои фази и затоа денес сум сосема смирен. Периодот поминат во Мадрид ми остави прекрасни спомени и голема емоција кон клубот и луѓето што работат таму. Сега сум фокусиран на друг проект и максимално сум посветен на него. Кога игра Реал, често одам на стадионот не само за бразилските играчи, туку и затоа што сакам да го следам клубот и да му посакам успех. Сè уште сум во контакт со некои луѓе од Реал. По натпреварот со Манчестер Сити, им честитав на клубот и на претседателот, а понекогаш разговарам и со играчите. Неодамна, на пример, го повикав Родриго да проверам како е“, рече италијанскиот стручњак.
Во текот на минатата сезона, Анчелоти беше мета на критики затоа што не успеа да го пронајде идеалниот баланс во тимот, иако Мбапе пристигна во клубот. Сепак, Италијанецот верува дека вакви проблеми се очекуваат во периоди на големи промени.
„Фудбалот често се менува поради навидум мали детали. Не е само атмосферата во соблекувалната или само замената на Крос со Мбапе. Во исто време, Начо и Крос го напуштија клубот, Карвахал имаше сериозна повреда, а Модриќ доби помалку време за игра. Генерацијата што со години носеше посебна енергија полека си заминуваше, а помладите играчи мораа да преземат поголема одговорност и да покажат карактер. Вакви работи не се случуваат преку ноќ. Мбапе имаше фантастична сезона и постигна речиси 50 гола, но во фудбалот, малите детали често одлучуваат, а промените не мора веднаш да донесат совршен резултат“.
Зборувајќи за својата нова работа, Италијанецот истакнува дека во Бразил страста за фудбалот се чувствува на секој чекор. Тој тврди дека бил топло пречекан во земјата и дека има одлична соработка со локалните тренери.
„Немав дилема како ќе ме прифатат. Точно е дека бразилскиот фудбал традиционално е резервиран кон странските тренери, но приемот беше одличен. Постојано сум во контакт со тренери од клубови како Палмеирас, Фламенго и Баија. Разговорите со нив ми се важни бидејќи ми помагаат да ги следам играчите, многу од нив се во Европа, но има и многу талентирани фудбалери кои играат во домашното првенство“.
На крајот, Анчелоти се обиде да го состави идеалниот тим од бразилските фудбалери со кои соработуваше во текот на неговата кариера.
„Дида би бил на голот. Во одбраната, Кафу десно, Милитао и Тијаго Силва како стопери, а Марсело лево.
Во средниот ред, Касемиро и Кака, веројатно заборавам некого. На десната страна, Родриго или каде и да сака, левата страна е за Винисиус. А во нападот, изборот е огромен: Роналдо, Ривалдо, Роналдињо. Бразилскиот фудбал дал многу одлични играчи“, заклучи Дон Карло.














