Мари и Тони Њутон, брачен пар од Велика Британија, обожаваат растенија, а хобито поврзано со хортикултура се претворило во огромна страст, па посветиле 43 години уредувајќи го својот двор и на крајот го претвориле буквално во бајка!
Нивната градина добила прекар „Четири годишни времиња“ затоа што е неодолива во текот на целата година, и ја посетуваат повеќе од 14.000 луѓе!
Тони бил лекар по општа пракса, а љубовта кон растенијата му ја пренела сопругата, која се посветила на изучување на хортикултурата откако ја напуштила својата работа. За уредувањето на дворот во Волсол, Западен Мидлендс, досега потрошиле повеќе од 17.000 евра и засадиле повеќе од 3.000 растенија.

Парот, кој има четири возрасни деца и четири внуци, неколкупати добил награди за најубав двор во Велика Британија. А само некои од растенијата се: 450 азалеи, 120 јапонски јавори и 15 сини ѕвезди.
„Прво го приспособивме дворот за нашите деца, но како што минуваа годините, преминавме на садење и одгледување на сопствени цвеќиња и растенија. Имаше многу обиди и грешки за градината да стане таква каква што е сега. Многу од нашите растенија сега се стари повеќе од 30 години“, објаснува Тони, а неговата сопруга се надоврзува:

„Во нашата градина има повеќе од 3.000 растенија, толку многу што не можам ни да ги набројам. Тоа е градина за сите сезони, па во есен гледате блескаво црвено, портокалово и жолто, а напролет боите се подеднакво живи и светли. Есента е моето најомилено годишно време во градината. Ќе има лисја од азалеи и јавори заедно со зимзелени четинари. Сите освен две растенија во нашата градина сме ги посадиле сами.
Она што е доста интересно е дека фотографиите направени од птичја перспектива покажуваат лице на був во градината. Тоа не се случи намерно, но е многу убава случајност“, заклучи Мари Њутон.









