Мицкоски: Сеќавањето на Холокаустот е наша морална должност, а борбата против омразата е наша историска одговорност

Макфакс

11/03/2026

12:24

113

Големина на фонт

а а а

Сеќавањето на Холокаустот е наша морална должност, а борбата против омразата е наша историска одговорност, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 83-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.

„Денес стоиме во тишина и со длабока почит пред една од најболните страници во нашата историја. Денес се сеќаваме на депортирањето на македонските Евреи – трагедија што засекогаш го обележа нашето колективно паметење. Во март 1943 година, повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно собрани, буквално киднапирани од своите домови, од своите семејства, од својот живот. Тие беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, каде што нивните животи беа сурово прекинати. Зад таа бројка стојат имиња, семејства, соништа, таленти, судбини. Стојат луѓе кои биле дел од ткивото на нашите градови, од трговијата, од културата, од духот на земјата. Со нивното исчезнување, нашата земја изгуби дел од својата душа“, рече Мицкоски.

Но, додаде тој, денес не се сеќаваме само на трагедијата, се сеќаваме и на обврската никогаш да не дозволиме омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата повторно да добијат место во нашите општества.

„Историјата нè учи дека злото почнува со збор, со предрасуда, со рамнодушност. А завршува со трагедии што го потресуваат човештвото. Затоа денес, како држава и како општество, ја обновуваме нашата заклетва: дека ќе ја чуваме вистината, ќе го негуваме сеќавањето и ќе ја браниме човечката достоинственост. Нашата сила отсекогаш била во тоа што различните култури, религии и традиции живееле заедно, создавајќи заедничка иднина. Еврејската заедница оставила неизбришлива трага во историјата на оваа земја. Нејзиниот придонес во културата, образованието, стопанството и општествениот живот е дел од нашето заедничко наследство“, рече Мицкоски.

Тој додаде, денес, кога се сеќаваме на жртвите на Холокаустот, испраќаме јасна порака: сеќавањето е наша морална должност и таа вистина треба да ја браниме по секоја цена, а борбата против омразата, наша историска одговорност.

„Нека споменот на депортираните македонски Евреи биде вечен. Нека нивната трагедија биде опомена за сите генерации што доаѓаат. Вечна им слава и вечен спомен“, рече Мицкоски.