Додека повеќето инфлуенсерки споделуваат модни комбинации и урбан гламур, таа објавува – молзење крави, печење леб и живот со осум деца. А сега, повторно е во центарот на вниманието откако објави дека очекува деветто дете.
Станува збор за Хана Нилман, Американка која милиони следбеници ја познаваат под името „Ballerina Farm“ – една од најинтригантните и најдискутираните личности на денешниот интернет.
Пред да стане симбол на руралниот лајфстајл, Хана живеела сосема поинаков живот. Родена во американската сојузна држава Јута, се школувала за професионална балерина и студирала на престижната уметничка академија „Juilliard“ во Њујорк, едно од најпознатите училишта за танц во светот.
Но, по бракот со Даниел Нилман, одлучила да ја напушти професионалната танцова кариера и да се посвети на семејството. Парот се преселил на голем имот во Јута, каде започнале фарма и семеен бизнис, кој подоцна прераснал во глобално препознатлив бренд.
Денес нивната фарма опфаќа стотици хектари земја, а семејството таму одгледува животни, произведува храна и води успешна онлајн продавница со производи инспирирани од традиционалниот начин на живот.
Нилман повторно стана вирална кога откри дека е бремена со деветтото дете, но на начин кој никој не го очекуваше – преку уметничко видео кое истовремено беше реклама за нивниот протеински производ. Во видеото таа се повикува на своето балетско минато, додека во позадина говори за силата што ја стекнала на сцената и која, како што вели, ја следи и во мајчинството. Објавата брзо го обиколи светот, а веста ја сподели со повеќе од 20 милиони следбеници на социјалните мрежи.
Содржината на Хана прикажува речиси филмска верзија на семејниот живот: деца кои помагаат на фармата, домашен леб од рерна, винтиџ фустани и секојдневие далеку од градската брзина.
Поради тоа, многумина ја поврзуваат со таканаречениот тренд „tradwife“ – стил на живот кој промовира традиционални семејни улоги. Додека едни нејзиниот живот го гледаат како инспирација и враќање кон побавен начин на живеење, други ја критикуваат идеализираната слика на мајчинството и семејниот живот што таа ја прикажува на интернет. Токму тие поделени мислења ја направија една од најкоментираните интернет личности во последните години.
Хана и нејзиниот сопруг денес воспитуваат осум деца на различна возраст, а семејството активно учествува во секојдневната работа на фармата и во создавањето на содржина. Најмладата ќерка е родена на почетокот на 2024 година, а инфлуенсерката тогаш се најде во медиумите бидејќи само неколку дена по породувањето се појави на избор за убавина каде претходно ја освоила титулата Mrs America.
Нивната приказна е спој на семејна риалити програма, претприемништво и lifestyle бренд – формула која се покажала како исклучително успешна на социјалните мрежи.
Во ерата на дигиталниот перфекционизам, Хана Нилман претставува многу интересен парадокс: инфлуенсерка која промовира пвраќање кон поедноставен живот, а истовремено води глобално успешен онлајн бизнис.
Додека едни во нејзината приказна гледаат романтична верзија на семејниот живот, други сметаат дека токму таа комбинација на традиција, естетика и маркетинг објаснува зошто Ballerina Farm стана еден од најсилните лајфстајл феномени денес. А со деветтото дете на пат – јасно е дека јавниот интерес нема да стивне.