Началникот на Генералштабот на Армијата ја заокружи посетата на Вооружените сили на САД со средби со високи воени претставници во Пентагон

Макфакс

10/03/2026

09:02

136

Големина на фонт

а а а

Делегација на македонската Армија, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, со средби со високи претставници на Вооружените сили (ВС) на САД, во Пентагон, Вашингтон ја заокружи повеќедневната работна посета на ВС на Соединетите Американски Држави.

Во текот на вчерашниот ден, генералот Лафчиски оствари средба со началникот на штаб на Армијата на САД, генерал Ренди Џорџ, на која беше потврдена високата доверба и соработка помеѓу двете армии. На средбата беа споделени искуствата на Армијата на САД во водење на современи конфликти, вклучително и за развој на нови способности, пред сè во справување со закани од беспилотни летала и беспосадни системи. Дополнително се разговараше и за стратешкото значење на армискиот полигон „Криволак“ и можностите за развој на истиот, со цел зголемување на капацитетите за изведување обука и вежби.

Во рамки на посетата, генералот Лафчиски се сретна и со началникот на Г-8 на Армијата на САД, генерал-потполковник Питер Бенхоф и претставници од директоратот за одбранбена соработка на САД. За време на одвоените средби се разговараше за процесите поврзани со опремувањето и модернизацијата на Армијата.

На вчерашните средби на генералот Лафчиски во Вашингтон, претходеа низа значајни активности, меѓу кои средба со заменик-началникот на Здружениот штаб на Вооружените сили на САД, генерал Кристофер Махони, присуство на свечената церемонија по повод примопредавање на должноста командант на Националната гарда (НГ) на Вермонт и средба со новиот командант на НГ на Вермонт, генерал-мајор Хенри Хардер.

Работната посета на македонската делегација претставува потврда за континуираната соработка помеѓу македонската Армија и Вооружените сили на Соединетите Американски Држави, се вели во соопштението од македонската Армија.