Шокантно! Ген З мажите далеку поконзервативни од постарите генерации: Веруваат дека жените треба да бидат послушни и да ги извршуваат сите работи во домот

Точка

05/03/2026

19:39

328

Големина на фонт

а а а

Речиси една третина од мажите и момчињата од генерацијата Зет сметаат дека сопругата треба да му биде послушна на сопругот, покажува глобално истражување спроведено меѓу 23.000 луѓе

Истражувањето открива дека младите мажи имаат потрадиционални ставови за родовите улоги отколку постарите генерации, пишува „Гардијан“.


Околу 33 проценти од мажите од генерацијата Зет изјавиле дека сопругот треба да го има последниот збор при важните одлуки во семејството. Истражувањето е спроведено во 29 земји, меѓу кои Велика Британија, САД, Бразил, Австралија и Индија.

Според резултатите, мажите од генерацијата Зет (родени меѓу 1997 и 2012 година) двапати почесто од мажите од генерацијата бејби-бумери (родени 1946–1964) имаат традиционални ставови за одлучувањето во бракот. Само 13 проценти од постарите мажи се согласиле дека сопругата секогаш треба да го слуша сопругот. Кај жените, со оваа изјава се согласиле 18 проценти од генерацијата Зет и 6 проценти од бејби-бумерите.


Најголема согласност со ваквите ставови има во Индонезија (66 проценти) и Малезија (60 проценти), додека процентот е значително понизок во САД (23 проценти) и Велика Британија (13 проценти).

Истражувањето, кое го спроведоа Ипсос и Глобалниот институт за женско лидерство при Кралскиот колеџ во Лондон, покажува и други значајни разлики меѓу генерациите.

Па така, 24 проценти од мажите од генерацијата Зет сметаат дека жените не треба да изгледаат премногу независни или самостојни, додека со тоа се согласуваат 12 проценти од мажите од генерацијата бејби-бумери. Исто така, 21 процент од младите мажи сметаат дека „вистинската жена“ не треба прва да иницира сексуален однос, во споредба со 7 проценти од постарите мажи.

Повеќе од половина од мажите од генерацијата Зет (59 проценти) сметаат дека од мажите се очекува премногу кога станува збор за поддршката на родовата еднаквост. Кај бејби-бумерите тој процент изнесува 45 проценти. Кај жените, процентите се 41 процент кај генерацијата Зет и 30 проценти кај постарите генерации.

Интересно е што, иако се посклони кон традиционални ставови, 41 процент од мажите од генерацијата Зет сметаат дека жените со успешна кариера се поатрактивни за мажите.

Професорката Хиџунг Чанг, директорка на Глобалниот институт за женско лидерство, вели дека иако постојат позитивни знаци дека поддршката за родова еднаквост останува силна, сепак во некои аспекти ставовите стануваат потрадиционални.

Во 2019 година, 42 проценти од луѓето во светот сметале дека правата на жените достигнале доволно ниво во нивните земји. Денес тој процент изнесува 52 проценти. Во Велика Британија тоа претставува зголемување од 12 процентни поени.


„Постојат многу незадоволства и страв кај дел од мажите дека го губат својот општествен стату. Тој вакуум го исполнуваат реторики кои ги спротивставуваат младите мажи на родовата еднаквост, на младите жени и на мигрантитес“, вели Чанг.

Истражувањето покажува и дека младите мажи имаат потрадиционални очекувања и од сопственото однесување.

Така, 30 проценти од мажите од генерацијата Зет сметаат дека мажите не треба да им кажуваат „те сакам“ на своите пријатели (20 проценти кај бејби-бумерите). Исто така, 21 процент од младите мажи веруваат дека мажите кои активно се грижат за децата се помалку машки, додека со тоа се согласуваат 8 проценти од постарите мажи.


Според истражувањето, и мажите и жените сметаат дека жените имаат повеќе избор кога станува збор за врски и запознавање (22 проценти), домашни улоги (24 проценти) и облека (34 проценти), додека мажите имаат повеќе избор во хобија (18 проценти) и професии (39 проценти).

Поранешната австралиска премиерка Џулија Гилард, претседателка на Глобалниот институт за женско лидерств, вели дека резултатите се загрижувачки.

„Не само што многу мажи од генерацијата Зет поставуваат ограничувачки очекувања за жените, туку и самите се затвораат во тесни родови улоги“, рече таа.

Истражувањето покажува и јаз меѓу личните ставови и тоа што луѓето мислат дека општеството очекува. Во Велика Британија, само 14 проценти од испитаниците лично сметаат дека жените треба да ја носат главната одговорност за грижата за децата, но 43 проценти веруваат дека општеството го очекува токму тоа.