Работничките мензи во некогашна Југославија биле важен дел од секојдневието на вработените во фабрики, претпријатија и јавни установи. Тие претставувале организиран систем на исхрана во рамки на компаниите, со цел на работниците да им обезбедат топол, хранлив и достапен оброк.
Целиот систем бил заснован на едноставност и економичност, а јадењата морале да бидат заситни, подготвувани во големи количини и финансиски одржливи.
Менито обично се планирало неделно. Најчесто тоа биле јадења на лажица, различни чорби и варива, тестенини, компир и месни јадења со прилог. Храната била домашна и прилагодена на локалните кулинарски навики на секоја република од некогашна Југославија.
Денес работничките мензи не постојат, а многумина се сеќаваат на нив со доза на носталгија. Во нив најчесто се служеле следниве јадења:
• грав или чорба од грав со колбас;
• гулаш со леб или палента;

• шегедин гулаш, односно кисела зелка со месо;
• сарма, полнети листови зелка;
• ќофтиwa во сос од домати со пире компир;
• печени пилешкo со компир;
• вариво од јачмен;
• тестенини со месен сос;
• поховано месо со компир салата.
Со оброкот секогаш се служел и леб, понекогаш и салата, како и едноставен десерт, на пример компот или пудинг. Мензите истовремено биле и место за дружење. Таму се создавале пријателства, колегијални односи, но и љубовни врски. Затоа не е чудо што многумина со носталгија се сеќаваат на тие времиња.
Денес овие јадења сè уште може да се најдат на менијата, но често по значително повисоки цени, во ресторани, па дури и во оние што се сметаат за „пофинети“. Секако, во таквите места и цената го следи амбиентот.
Меѓу сите јадења, еден од најголемите симболи на работничката менза бил токму гравот со колбас – заситно, евтино и енергетски богато јадење, идеално за луѓе кои вршат физичка работа.
Состојки за шест лица:
• 500 г сув бел грав;
• 2 ловорови листови;
• 1 поголема главица црн кромид;
• 2 чешниња лук;
• 2 моркови;
• 1 црвена пиперка по желба;
• 300 до 400 г пушен колбас;
• 2 лажици мелен црвен пипер;
• 1 лажица пире од домати;
• 2 лажици брашно;
• 3 лажици масло или маст;
• сол и бибер по вкус;
• околу 2 литри вода
1. Гравот натопете во ладна вода и оставете да отстои преку ноќ.
2. Следниот ден исцедете ја водата, налејте свежа, додадете ловор и гответе околу 45 минути.
3. Потоа додадете морков исечкан на коцки и пиперка и продолжете да готвите.
4. Колбасот исечете го на кругови и додајте го во тенџерето.
5. На масло пропржете ситно сечкан црн и бел лук. Додадете брашно, кратко запржете, а потоа измешајте мелен црвен пипер и пире од домати.
6. Запршката додајте ја во гравот, посолете и побиберете по вкус, па гответе уште 15 до 20 минути додека јадењето не се згусне.
7. Послужете со свеж леб.
На здравје!