Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, остро го критикуваше изборот на предложените нови заменици министри, Дритон Сулејмани за образование и Адмир Шабани за одбрана, посочувајќи дека се работи за политичка одлука на Владата која го фаворизира партискиот интерес наместо стручноста.
Таа посочи на фактот дека образованието во Македонија го живее периодот на најголема неизвесност во последната деценија. Според неа, се прават реформи без јавни расправи, во партиски кругови, а отсуството на транспарентност оди дотаму што се кријат имињата на тимовите кои ги предлагаат реформските мерки.
„Образованието е во целосен хаос. Јасно е незадоволството на наставниците, учениците, универзитетските професори и студентите од брзите и неосмислени реформи. Во ваков момент, кога јавноста укажува, а министерката е една од најслабите алки во Владата, очекувавме дека заменик министерот ќе биде лице со докажана експертиза во образовните политики, со солидни искуства и со јасна визија, но неговото CV на две страници не го потврдува тоа. Напротив, тие две страници се сосема доволни да се потврди неговата некомпетентност за позицијата која му се доверува“, истакна Николова.
Николова посочи дека одбраната е стратешки ресор кој бара професионалност, доверба и лидерство, а предложениот заменик министер за одбрана има комуникациски вештини, што не е доволна квалификација за позиција која директно влијае на националната безбедност.
„Одбраната е стратешки ресор кој бара професионалност, доверба и лидерство. Предложениот заменик министер за одбрана, како поранешен портпарол на изборната комисија, веројатно има комуникациски вештини, но тоа не е и не смее да биде главната квалификација за позицијата која директно влијае на нашата безбедност. Со тоа само уште еднаш се потврдува дека оваа Влада нема намера да направи нешто добро за државата или функционален систем , приоритет е да ги задоволи коалициските потреби и ништо повеќе од тоа. Живееме во време на најсериозна безбедносна нестабилност во Европа по Втората светска војна. Живееме во услови на војна на европскиот континент, зголемени геополитички тензии, хибридни влијанија и растечки глобални предизвици. Македонија е членка на НАТО, и тоа е добро, но можеме да заклучиме дека оваа Влада е едно од најлицемерните влади коишто сме имале досега. Денес и премиерот зборува за нашето членство во НАТО, но да не заборавиме, во предизборието велеше дека Преспанскиот договор не е завршена работа. Навистина е големо лицемерие. Денес, во вакви безбедносни услови, знаеме дека тоа е еден од најдобрите договори коишто се склучени. Затоа одбраната не смее да биде дел од коалициски договори. Во ваков период на светски предизвици, потребни ни се најкомпетентни луѓе, а не најлојалните на партијата и коалицијата, појасни Николова.
Таа предупреди дека предложените кадровски решенија ја потврдуваат партизацијата и некомпетентноста, при што приоритет се коалициските калкулации, а не стручноста.
„Образованието и одбраната се исклучително важни за една држава. Одбраната ја штити сегашноста, а образованието ја гради иднината. За жал, оваа Влада ги заменува компетентните со политички лојални кадри“, заклучи пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
















