[ФОТО] Била најубавата иранска принцеза со најтажни очи: Живеела прекрасна љубовна приказна, а потоа „судбината ја проколнала“

Точка

03/03/2026

09:52

704

Големина на фонт

а а а

Кралицата Сораја била икона на џет-сетот која се „капела“ во најскапите дијаманти, но и длабоко несреќна жена која имала тешка судбина поради што го добила прекарот „принцезата со тажни очи“.

Сораја била само седум години во брак со иранскиот шах Мохамед Реза Пахлави, а приказната што започнала како бајка од „Илјада и една ноќ“ продолжила со болен развод, прогонство и бројни трагедии под околности што никогаш не се расветлени. Сораја му била втора сопруга на моќниот ирански владетел.


Сораја Есфандијари Бахтијари е родена на 22 јуни 1932 година во Исфахан. Таа била најстарото дете и единствена ќерка на Халил Бахтијари, иранскиот амбасадор во Западна Германија, додека нејзината мајка, Ева Карл, била Германка со руско потекло. Сораја пораснала релативно слободно, а благодарение на угледното и влијателно семејство од кое потекнувала, добила можност да студира во Лондон, Берлин и во други европски метрополи.

Токму Лондон бил одлучувачки за понатамошниот тек на нејзиниот живот. „Реткиот бисер“ Сораја ја открила принцезата Шамс, постарата сестра на иранскиот владетел, во текот на една од нејзините посети на британската престолнина.

Братот на Шамс, Мохамед Реза Пахлави, го наследил шах Реза во период на политички превирања на почетокот на Втората светска војна. Неговата прва сопруга била прекрасната „азијаската Венера“, како што ја нарекувале египетската принцеза Фавзија кога се омажила за иранскиот принц. Но, со неа имал само една ќерка, а единствениот можен наследник бил неговиот помлад брат Али Реза.


Почеток на бајката со несреќен крај

Сфаќајќи дека нема да има син со Фавзија, шахот се развел од неа и планирал да се прежени за да обезбеди наследник и стабилност на земјата. Поради оваа причина, Шамс била убедена дека Сораја ќе биде идеална сопруга за него и веднаш ја поканила да ги посети во кралската палата во Техеран. Сораја имала 18 години. Биографите подоцна напишале дека тоа била љубов на прв поглед.

Само еден ден откако се запознале, Сораја била прашана дали ќе се омажи за младиот шах. Не поминале ниту 24 часа, а тие веќе биле свршени. Тој ја запросил со прстен со дијамант од 22,37 карати. Од нејзниот иден сопруг добила прстен направен од најскапите скапоцени камења. Веднаш го закажале и следниот чекор – венчавката.


Но, во меѓувреме се разболела. Поради тешка бактериска инфекција, завршила во кревет, од кој не станала неколку недели. Една од легендите вели дека, додека била болна, нејзиниот свршеник ја посетувал секој ден и на перницата ѝ ставал по еден нов дијамант.

Иако не се опоравила целосно, Сораја блескала на свадбената церемонија, одржана на 12 февруари 1951 година. Бидејќи тој ден во Техеран врнело снег, шахот наредил да се запали оган во палатата за да се загрее просторот. По совет на лекарот, невестата носела волнен елек и чорапи под фустанот.

И спектакуларната венчаница влегла во историјата

А венчаницата била како од соништата! И тоа со потпис на Кристијан Диор. Суптилна екстраваганција, исто како и животот што го водела потоа. Креацијата тежела дури 30 килограми. Бела изработена од најфина свила и злато, со наметка долга осум метри. Оригиналната должина била 20 метри, но мораа да исечат дел за да може Сораја, сè уште слаба од болеста, да стои во текот на церемонијата.


Првите месеци од бракот биле идилични. Тие живееле во голема бела вила, уживајќи во својата љубов, а единственото нешто што целото семејство го очекувало била веста за бременоста. Но, тоа не се случувало… Приватната драма станала јавна во октомври 1954 година. Само неколку дена претходно, лекарот им го потврдил на двојката од она од што се плашеле – дека ќе поминат години додека таа да забремени.


А, потоа мајката на шахот приредила вечера за неговиот роденден. Но, помладиот брат, евентуалниот наследник на престолот, ја одбил поканата, објаснувајќи дека заминува на лов во шумата покрај Каспиското Море. Еден ден подоцна, на дворот пристигнала тажна вест – дека авионот со принцот Али Реза, кој се враќал во Техеран, се урнал и дека сите патници загинале.

Не сакала да биде втора

Како тој тажен настан да го отворил патот за сите несреќи што почнале да го снаоѓаат иранскиот двор… Мухамед се нашол во деликатна позиција – тој бил единствениот владетел во светот кој немал наследник. Постојаните притисоци, и од семејството и од властите, станале премногу тешки за младата двојка, која дури и по седум години брак не можела да ја оствари својата најголема желба. Дури ниту најдобрите европски клиники не помогнале.


Сè повеќе му предлагале на шахот да донесе уште една жена. Иако, како сопруг, бил човек со либерални, западни сфаќања, сериозно ја разгледувал оваа опција. Според шеријатскиот закон, можел да го стори тоа, но само со согласност на законската сопруга. Сораја, меѓутоа, категорично одбила таков договор. Таа не сакала да биде втора – за неа, бракот, исто како и нивната љубов, била светост.

Затоа, тие ја донеле единствената можна одлука за решавање на проблемот – развод. Таа подоцна изјавила дека не била информирана, дека сè било оркестрирано од неговата мајка која не ја сакала, и дека тоа било „жртвување на нејзината среќа“. Но, таа морала да ги послуша желбите на владејачката династија.

Несреќната припадничка на високото општество

Кралицата Сораја ја напуштила земјата. Првото засолниште била Швајцарија, каде што папараците не ѝ давале мир. Фотографиите што се појавувале во медиумите ѝ го донеле прекарот „принцезата со тажни очи“. Иако била скршена поради пропаѓањето на нејзината голема љубов, нејзиниот поранешен сопруг не ја остави во немилост. Тој бил доволно дарежлив да ѝ дозволи да ужива во сите благодати и богатството, па таа поминувала време во Рим, Париз, Сент Мориц…

Преку ноќ станала членка на светскиот џет-сет и немало забава на која не била поканета. Носела најубави фустани и најблескав накит. А потоа, кон крајот на седумдесеттите години, се случила револуцијата. Иран ѝ го намалил „џепарлакот“ на Сораја, поради што била принудена да го продаде поголемиот дел од своето богатство, злато и скапоцени камења, кои заедно со неа влегле во легендата.


Само една година по разводот, шах се оженил со Фара Диба, со која добил четири деца (два сина, за да не се грижи за наследници). Меѓутоа, сè било залудно – по политичките маневри во земјата, тој бил соборен од престолот, а целата династија морала да оди во егзил. Сè се урнало како кула од карти.

Затвореничка во „палатата на осаменоста“

Кралицата Сораја, која после сè, решила да живее во Париз, се обидела и како актерка. Три години била во врска со австрискиот актер Максимилијан Шел, а подоцна и со богатиот наследник Гинтер Сакс. Кога се преселила во Франција, го запознала италијанскиот режисер Франко Индовина. Но, ниту таа приказна немала среќен крај. Кога тој загинал во авионска несреќа во 1972 година, таа паднала во депресија и ги напишала мемоарите „Палата на осаменоста“.

И покрај сè што доживеала, таа го сакала својот поранешен сопруг до смрт. Тоа му го рекла тоа во 1979 година, кога тој умирал од рак во егзил во Панама. Му испратила писмо и изразила желба повторно да го види. Шах бил трогнат. Тој исто така ѝ одговорил дека ја сака, но дека тоа неговата сопруга никогаш не смее да го дознае. Иако се договориле да се сретнат во Каиро, Мохамед не успеал да ја види – починал во јули 1980 година.


Сораја починала во Париз на 26 октомври 2001 година, на 69-годишна возраст, денот кога нејзиниот поранешен сопруг ќе го прославел својот 82-ри роденден. Причината за смртта на „кралицата на смарагдните очи“ никогаш не е откриена.

Бидејќи немала деца, нејзиното богатство требало да го наследи нејзиниот помлад брат Биџан, кој живеел во Минхен. Меѓутоа, тој починал само неколку дена по нејзиниот погреб. Некои медиуми тврделе дека двајцата биле убиени, но тие приказни останале во доменот на теориите на заговор. Сè што Сораја имала и добила како подарок од иранскиот шах завршило на аукции, а огромни милиони легнале на сметката на германската држава.