Децата во Холандија остануваат дома поради недостиг на другари

Кармин

27/02/2026

16:18

192

Големина на фонт

а а а

Децата во Холандија во просек поминуваат малку повеќе време играјќи се надвор отколку пред две години, но како главна причина за останување дома повеќе не се наведуваат видеоигрите, туку недостигот на другари за игра, покажуваат денеска објавените резултати од истражување.

Анкетата покажала дека децата на возраст од шест до 12 години сега надвор се играат во просек 7,6 часа неделно, што е повеќе отколку во 2024 година, кога просекот изнесувал 7,2 часа, додека во 2022 година тој просек бил 9,9 часа неделно.

Повеќе од половина од децата навеле дека би сакале да се играат надвор почесто отколку што тоа го прават сега.


Дури 42 отсто од испитаниците како главна пречка за излегување го наведуваат тоа што немаат другари за игра во своето опкружување, што, како што се оценува, создава маѓепсан круг – кога има малку деца надвор, ни останатите не излегуваат, пишува НЛ Тајмс.

Видеоигрите се втора најчеста причина (34 отсто), потоа поинтересните играчки во затворен простор (33 отсто), како и недостатокот на содржини за игра на отворено (22 отсто).


Постојат разлики и меѓу урбаните и руралните средини. Во поруралните средини децата поминуваат надвор во просек 8,7 часа неделно, додека во градови како Амстердам, Ајндховен и Ротердам тој просек изнесува 6,9 часа.

Децата од помалку урбанизирани средини исто така подобро ја оцениле играта на отворено, со просечна оценка 8,4, додека нивните врсници од големите градови дале оценка 7,8.


Повеќе од една третина од испитаниците навеле и дека немаат игралиште во радиус од 200 метри од домот, а тие деца поретко престојуваат надвор.

Според оценката на организацијата „Јантје Бетон“, тоа создава нов облик на нееднаквост – нееднаквост во можностите за игра, пренесе Танјуг.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk