Славниот француски диџеј Дејвид Гета стана татко на четврто дете. Неговата 34-годишна девојка Џесика Ледон го роди вториот син, Скајлер, а среќната вест парот ја сподели преку социјалните мрежи.
Имено, парот на Инстаграм во заедничка објава сподели низа семејни фотографии со опис: „Добредојде на свет, Скајлер. Најубавата тајна што некогаш сме ја чувале“.
Исто така, во објавата сподели фотографии од прослава направени пред раѓањето на бебето, која била во знакот на мечиња. На фотографиите се гледа торта со сина глазура и мали мечиња, како и голем син натпис „Baby Guetta“. Една од фотографиите го прикажува и нивниот син Сајан, кој наскоро полни две години, како ѕирка во креветчето во кое спие Скајлер.

Објавата ја коментираа и бројни славни личности кои му честитаа на Гета, меѓу кои Џенифер Лопез и Иванка Трамп, колегите Тиесто и Армин ван Бјурен, пејачката Каскада и многу други.
Дејвид Гета и Џесика Ледон првпат беа поврзани во 2015 година. Парот наводно се разделил во 2022 година, но повторно се зближил следната година. Во март 2024 го добија првиот заеднички син Сајан, додека Гета од бракот со поранешната сопруга Кети има две деца, Тим Елвис (22) и Енџи (18).














