Научниците изненадени од откритието: Ирвасите јадат дел од сопственото дело за да преживеат

Точка

26/02/2026

16:19

487

Големина на фонт

а а а

Истражувачите велат дека женките ирваси ги користат роговите како „резервоар на минерали“ по миграција долга 2.414 километри во двата правца.

Женките ирваси ги глодаат сопствените рогови за да ги надоместат хранливите материи по долгата миграција во студената и сува клима на арктичката тундра, открива нова студија.

Ирвасите се единствениот вид елени кај кој и женките имаат рогови, пишува Индепендент.

Истражувачите претходно претпоставувале дека женките ги користат роговите за одбрана од предатори или за покажување доминација на местата каде што се хранат.

Новата студија, меѓутоа, ја открива вистинската еволутивна улога на роговите кај женките – научниците наведуваат дека тие се потпираат на своите рогови богати со калциум како „резервоар на минерали“ по миграцијата.


Кај ирвасите, коскените рогови растат од врвот на черепот, а кај мажјаците можат да достигнат должина до 1,2 метри и тежина до 10 килограми по рог. Роговите кај женките се значително помали.

Студијата документирала рогови што ирвасите ги отфрлиле во арктичката тундра, а кои останале недопрени со децении. Истражувачите утврдиле дека тие рогови претставуваат достапен извор на минерали како калциум и фосфор за оние што бараат храна во клучниот период од нивната миграција. Анализата покажала дека поголемиот дел од тие рогови биле изглодани.

Со понатамошно испитување на трагите од заби утврдено е дека самите ирваси се главните „виновници“. Дури 86 отсто од 1.567 рогови опфатени со истражувањето покажaле траги од глодање, а речиси сите траги ги оставиле ирвасите.

„Знаевме дека животните глодаат рогови, но сите претпоставуваа дека тоа најчесто се глодари. Сега знаеме дека тоа всушност се ирвасите“, изјавил Џошуа Милер, еден од авторите на студијата објавена во списанието „Ecology and Evolution“ и биолог од Универзитетот во Синсинати, САД.

Женките ирваси ги отфрлаат роговите во рок од неколку дена откако ќе добијат младенче, со што тие стануваат достапни како нутритивен додаток кога повторно ќе се вратат во тоа подрачје.

„Овие рогови опстојуваат со векови, па дури и подолго на Арктикот и претставуваат извор на хранливи материи на кој животните повторно и повторно му се враќаат“, изјавил д-р Милер.


Минералите од роговите се враќаат и во почвата и го поттикнуваат растот на тревата и лишаите со кои се хранат ирвасите.

„Тие всушност го обликуваат ова живеалиште, расфрлајќи ги низ пејзажот овие исклучително важни минерали до кои животните често тешко доаѓаат во доволни количини“, објаснил д-р Милер.

„Фосфорот е особено важен за младите мајки кои се обидуваат да произведат квалитетно млеко за исхрана на младенчињата“, истакнал тој.