Ако секој ден се будите неколку минути пред алармот, тоа не е случајност.
Веројатно ви се случило – алармот е наместен на 6:30, а вие ги отворате очите неколку минути пред да заѕвони. И така речиси секој ден. Нема звук, нема надворешен стимул, само телото кое едноставно „знае“ дека е време.
Можеби изгледа необично, но не сте се разбудиле случајно. Во прашање е вашиот биолошки часовник, исклучително прецизен внатрешен систем за мерење време кој регулира кога спиете, а кога се будите.

Хормонски повик за будење
Длабоко во мозокот се наоѓа мала група неврони наречена супрахијазматично јадро, често опишувано како „главен часовник“ на организмот. Овие неврони го следат времето усогласувајќи ги внатрешните ритми, како циркадијалниот ритам (кој следи 24-часовен циклус) и на тој начин го регулираат сонот, телесната температура, чувството на глад и варењето.
Циркадијалниот ритам влијае врз тоа кога во текот на денот се чувствуваме поспано, а кога будно. Нашиот организам природно го приспособува тој „главен часовник“ и сосема е нормално да постојат разлики во тоа кога луѓето сакаат да спијат и кога да бидат будни.
Дали некогаш сте се запрашале зошто некои луѓе се „утрински типови“, кои сакаат да стануваат со изгрејсонце и рано да легнуваат, додека други се „ноќни птици“, остануваат будни до доцна и спијат до средина на претпладнето? Причината лежи токму во разликите во нивниот циркадијален ритам.
Редовните обрасци на спиење и будење, оброци и физичка активност го „програмираат“ нашиот главен часовник така што тој почнува да предвидува кога ќе се случат тие активности и соодветно го поттикнува лачењето на одредени хормони.

На пример, кога се будиме наутро, доаѓа до феномен познат како „реакција на будење на кортизол“. Тоа е нагло зголемување на нивото на кортизол – хормон што ни помага да се подготвиме за денот и да почувствуваме наплив на енергија.
Кај луѓето кои стануваат во исто време секој ден и се изложуваат на утринска светлина, „главниот часовник“ учи кога обично се будат. Многу пред да заѕвони алармот, телото постепено се подготвува – телесната температура расте, нивото на мелатонин (хормонот на поспаност) опаѓа, а нивото на кортизол почнува да се зголемува.
До моментот кога алармот треба да се огласи, телото веќе е во процес на премин од сон кон будност. Тоа е своевиден хормонски повик за будење.

Усогласен ритам или лош квалитет на сон?
Ако често се будите неколку минути пред алармот и се чувствувате будно и одморено, тоа е знак дека вашиот циркадијален ритам е добро усогласен. Вашиот биолошки часовник ја научил вашата рутина и ви помага природно и лесно да се разбудите.
Меѓутоа, ако се будите пред алармот, а се чувствувате уморно, тромо или немирно, тоа може да укажува на лош квалитет на сон, а не на добра усогласеност на ритамот.
Редовното време на легнување и будење помага во „тренирањето“ на внатрешниот часовник, особено ако е усогласено со природните сигнали од околината, како промените во светлината и температурата во текот на денот.
Така полесно ќе заспивате и ќе се будите посвежи. Доследниот распоред на спиење му помага на телото да го следи времето и да научи да го предвиди моментот на будење. Од друга страна, нередовниот распоред може да ги збуни внатрешните ритми, што доведува до поспаност, проблеми со концентрацијата и послаби ментални перформанси.
Без доследен образец на спиење, телото се потпира на алармот, кој може да ве разбуди во подлабока фаза на сон и да го остави оној непријатен чувство на тромост, познат како „инерција на сон“. Во таков случај, важно е да се преиспита хигиената на спиење и да се воведат мали промени во навиките за повторно усогласување на внатрешниот часовник, што ќе ви овозможи да се будите природно и навистина одморени.













