Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна, конкурентна економија. Како Влада преземаме целосна одговорност да ја водиме оваа трансформација, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Советот, како што оцени, не е само формалност туку механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.
Според него, самата структура и состав на Советот, кој, како што рече, ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело, оценува тој, ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики.
„Со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност.
Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем.
Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани“.












