Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник

Макфакс

23/02/2026

14:32

188

Големина на фонт

а а а

Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.

„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.

Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.

„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.

Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.

„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.

Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.

Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.