Д-р Мехмет Оз изјави дека Доналд Трамп наводно ја брани својата љубов кон диеталните газирани пијалаци со необично тврдење дека, ако таков пијалак „убива трева“, тогаш веројатно делува и на клетките на ракот.
Општопознато е дека Трамп е голем љубител на диетални газирани пијалаци, но и на брза храна.
Д-р Оз го раскажал тоа во поткастот „Triggered with Don Jr.“, што го води Доналд Трамп Помладиот, а во разговорот ја прераскажал и средбата со претседателот во неговиот авион „Air Force One“.

Како што пишува „People“, Оз таму на масата на Трамп видел Фанта, по што претседателот, како што тврди, на шега му рекол дека тој пијалак е „добар за него“. Додал и дека Трамп се пошегувал оти Фантата не може да биде лоша затоа што е „свежо цедена“.
Доналд Трамп Помладиот во истиот разговор рекол дека неговиот татко, иако се приближува до 80-тата година и натаму има исклучителна енергија, меморија и издржливост. Коментарите на Оз за прехранбените навики на Трамп дојдоа во момент кога американската администрација со нови прехранбени насоки ја нагласува важноста на нутритивно богати намирници, со силно намалување на внесот на високо преработена храна.
Ужива во брза храна и газирани пијалаци
Оз, кој денес го води „Centers for Medicare & Medicaid Services“, притоа потсетил на добро познатата склоност на Трамп кон брза храна и диетални газирани пијалаци. „People“ наведува дека со неговото враќање во Белата куќа повторно било поставено и познатото копче за нарачување диетална Кока Кола.

Трамп знаел да ја брани својата исхрана со тврдењето дека има поголема доверба во храна од големите синџири поради контролата на квалитетот, а „People“ потсетува и на неговите претходни јавни здравствени тврдења што предизвикувале полемики. Белата куќа немала одговор на барањето на „People“ за коментар за прераскажувањето на оваа досетка од страна на Оз.
Инаку, кон крајот на минатата година беше објавено дека Трамп е во одлична здравствена состојба по превентивен преглед со магнетна резонанца (МР) и беше соопштено дека неговиот кардиоваскуларен систем е во добра состојба.

На брифинг со новинарите во Белата куќа, Керолајн Ливит рекла дека мажите на возраст како Трамп имаат корист од такви прегледи.
„Кардиоваскуларното снимање на претседателот Трамп покажа сосема нормална слика и нема докази за стеснување на артериите, ослабен проток на крв или абнормалности во срцето или главните крвни садови“, изјавила портпаролката за 79-годишниот претседател.

„Срцевите комори се со нормална големина. Ѕидовите на крвните садови изгледаат мазно и здраво и нема знаци на воспаление или згрутчување. Севкупно, неговиот кардиоваскуларен систем покажува одлично здравје. Снимките на абдоменот исто така се сосема нормални“, додала Ливит.













