Челси веќе некое време има нов тренер и тоа е Лиам Росениор кој претходно заврши добра работа во францускиот прволигаш Стразбур.
Најголемиот дел од јавноста и дефинитивно навивачите на Челси очекуваа поголемо, позначајно, потешко име да седне на клупата како наследник на Енцо Мареска, ама управата се одлучи да му верува на Росениор, човек кого добро го познаваат со оглед на врските кои оваа структура ги има со клубот од Франција.
Некогашниот ас на Челси и Арсенал, Емануел Пети не е премногу убеден дека Лиам е вистинскиот човек за тимот, односно дека токму тој е човекот кој може да донесе пехар во Премиер лигата.
- Може ли Лиам Росениор некогаш да освои титула во Премиер лигата со Челси? Тие ги менуваат играчите секоја година. Значи, конзистентноста и стабилноста се многу важни ако сакате да освоите нешто. Мора да се држите до вашите играчи, да имате визија и да се држите до неа. Не е важно дали поминувате низ темни тунели, мора да се држите до неа. Мора да верувате во неа.
- Мора да испратите порака до соблекувалната, што и да се случи на теренот, дури и ако имаме лоши резултати, ние се држиме до нашите идеи. Ливерпул го направи тоа и освои трофеи. Сити го направи тоа и освои трофеи. Арсенал го прави тоа со години и не е далеку од освојување. Ќе видиме на крајот од сезоната.
- Па погледнете го Манчестер Јунајтед, погледнете го Тотенхем, погледнете го Челси, сите тие клубови. Тие толку многу пати менуваа играчи и менаџери. И потоа одеднаш сакате тие да ја освојат титулата? И ме прашувате дали Лиам Росениор е способен да ја освои титулата со Челси? Не сум сигурен дали тој ќе биде менаџер за 10 месеци. Ако има три или четири лоши резултати по ред, нема да бидам изненаден ако одборот го отпушти, - смета Французинот.








