На Зимските олимписки игри сме виделе секакви работи, но никој досега не бил сведок на нешто вакво. Имено, добро запамете го името на Беноа Ришо – тренер на дури 16 спортисти од 13 различни земји, кој стана хит на овогодишните Зимски олимписки игри.
Станува збор за француски експерт кој соработува со 16 лизгачи, а стана вирален по снимката на која се гледа како ги менува јакните и трча од натпреварувач до натпреварувач, па се поставува прашањето за кого навива?

„Сè помина како што треба“, рекол Ришо во еден момент, веројатно сфаќајќи колку на сите им е чудно она што тој го прави на Зимските олимписки игри.

Не е невообичаено повеќе лизгачи да имаа еден тренер, но неверојатно е да се види како ист тренер за секунда ги менува јакните и трча до следниот олимпиец.

„Предизвикувачки е. Возбуден си бидејќи еден лизгач направил нешто совршено, а потоа веднаш мораш да се вратиш и да се приспособиш на начинот на работа на некој друг. Штом ја сменам јакната, се чувствувам како да сум го сменил и лизгачот со кој соработувам. Јас сум различен, сè зависи од лизгачите, што сакаат и што им треба од мене. И мојот карактер може да биде различен, од благ до поостар“, објаснил Ришо.
Иако има многу натпреварувачи, открил зошто сите тие му веруваат.
„Олимписките игри се светиот грал, тие се најважни, така што сакам да направам нешто поинакво. Би сакал да направам нешто поголемо за овој спорт. Моите лизгачи гледаат дека сум целосно посветен на нив, на сите нив. Не чувствуваат никаква разлика“, заклучил Ришо.












