Ако постојано сте гладни, проблемот можеби не е во количината на храната. Еве што навистина стои зад неконтролираниот апетит.
Имате чувство дека би можеле да јадете и веднаш по оброк? Фрижидерот често ви е „попатна станица“, а гладта се јавува и кога знаете дека сте јаделе доволно? Постојаниот апетит не секогаш е знак на прејадување, туку често е сигнал дека телото се обидува нешто да ви каже.
Експертите истакнуваат дека зад зголеменото чувство на глад може да стојат повеќе фактори, од лоши навики до хормонален дисбаланс.
Не внесувате доволно протеини
Оброк кој главно се состои од јаглехидрати (печива, тестенини, слатки) брзо го зголемува нивото на шеќер во крвта, но исто толку брзо и го намалува. Резултатот? Наскоро повторно чувствувате глад. Протеините и здравите масти ја продолжуваат ситоста и ја стабилизираат енергијата.

Недостаток на сон
Ако спиете помалку од шест часа, телото произведува повеќе хормон на глад (грелин), а помалку хормон на ситост (лептин). Затоа по непроспиена ноќ почесто посегнуваме по брза и калорична храна.

Дехидратација
Организмот понекогаш жедта ја „маскира“ како глад, покажува едно истражување. Пред да посегнете по ужина, испијте чаша вода и почекајте десетина минути – можно е всушност да ви недостига течност.
Стрес и емоционално јадење
Хроничниот стрес го зголемува нивото на кортизол, хормон што го стимулира апетитот. Многумина во такви ситуации бараат утеха во храна, особено слатки и грицки.

Премногу преработена храна
Индустриските производи често содржат комбинација од шеќер, сол и масти која го стимулира центарот за награда во мозокот. Таквата храна поттикнува да јадеме повеќе отколку што навистина ни е потребно.

Хормонални нарушувања
Проблеми со тироидната жлезда, инсулинска резистенција или други хормонални состојби исто така можат да предизвикаат постојано чувство на глад, се наведува во друго истражување. Ако забележите нагли промени во апетитот заедно со замор, губење или добивање тежина, време е да побарате лекарски совет.












