[ФОТО] Потпетиците со јаболко на „Шанел“ се новото посакувано модно парче

Кармин

16/02/2026

14:45

426

Големина на фонт

а а а

Од Адисон Рај, која својот дебитантски албум „Адисон“ го започнува со стиховите „Гризни го големото јаболко“, до Лили Ален, која албумот за развод „West End Girl“ го завршува со песната наречена „Fruityloop“ се чини дека во моментов популарната култура е „опседната“ со овошни мотиви.

Каде што оди музиката, во чекор ја следи и модата. Така, потпетиците на Шанел со јаболко на петицата за кратко време станаа посакувано модно парче. Нивниот статус на „it“ чевли дополнително го зацврсти Хејли Бибер, манекенката и основачка на брендот за нега на кожа, кога ги носела на претставувањето на нејзиниот бренд „Rhode“ во Австралија, пишува „Who What Wear“.

Омаж за Њујорк

За време на посетата на Сиднеј, Бибер решила да ги носи чевлите што се јасен омаж за сојузната држава Њујорк во којашто пораснала. Иако е родена во Тусон во Аризона, на што алудира и виралната песна „Јукон“ на нејзиниот сопруг, детството и младоста ги поминала во градот покрај реката Хадсон.


Станува збор за „слингбеки“ салонки со сите препознатливи потписи на Шанел – двобојна комбинација, тенко ременче и контрастен врв на чевлите. Но под водство на креативниот директор Метју Блејзи, овој класичен модел доби современ „пресврт“ во облик на мало јаболко сместено на потпетицата.


Колекција инспирирана од Менхетен

Потпетиците за прв пат биле претставени на ревијата „Métiers d’art 2026“, која беше своевидно љубовно писмо за Њујорк и елегантните жени од Менхетен. Ревијата се одржа на метростаница, а колекцијата вклучуваше и други јасни референци на градот – од здолништа инспирирани од „Емпајер Стејт Билдинг“ до чанти во облик на верверички што трчаат низ Централниот њујоршки парк.


Спој на мода и храна

Секако ова не е прв пат модата и храната да се испреплетуваат, особено кога станува збор за чевлите. На првата ревија на модната куќа „Loewe“ по Ковид-19 пандемијата, дизајнерот Џонатан Андерсон ги врати во мода ведрината и разиграноста со ременчиња украсени со напукнати јајца, парчиња сапун, растопени свеќи, па дури и пупки од роза.


Дизајнер со непогрешливо чувство за хит

За Блејзи овие чевли се уште една потврда дека има исклучително чувство за парчиња што брзо стануваат опсесија на модниот свет. Потпетиците со јаболко доаѓаат по неговите конусни потпетици од колекцијата пролет/лето 2026 што дополнително покажува дека знае како буквално и стилски да ги издигне жените на нови височини.


Потенцијал на црвениот килим

Модните инсајдери веќе шпекулираат кои ѕвезди во иднина ќе ги носат овие потпетици. Се споменуваат „Charli XCX“ која би можела да ги вклопи во промоцијата на својот филм „The Moment“ и виралниот танц за синглот „Apple“, како и Кирстен Стјуарт. Со оглед на тоа дека го најави режирањето на римејкот на „Самрак“, овие потпетици би биле духовита и симболична посвета на оригиналната корица на книгата.

Во секој случај, влијанието на Хејли Бибер врз модните трендови е тешко да се оспори. Токму поради тоа, без оглед на симболиката и контекстот, едно е сигурно: овие овошни потпетици се на почетокот од својот моден подем.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk