Лукас Пињеиро Братен (25), освои златен медал во велеслалом на Зимските олимписки игри. Тоа е прв олимписки медал на ЗОИ не само за Бразил туку и за цела Јужна Америка.
Зимските спортови добија неочекувана ѕвезда од тропските краеви. Бразил, нацијата позната по самба, фудбал и високите температури, сега може да се пофали со олимписки победник во зимски спорт.

Братен како момче сонувал дека ќе стане новиот Роналдињо, но наместо фудбалска топка, судбината му ги „наметнала“ скиите. На скијање на 9-годишна возраст го навел неговиот татко Бјорн, а иако младиот Лукас прво не бил воодушевен, сѐ се сменило кога на патеката ги здогледал луѓето кои тренирале слалом.
Освоил мал кристален глобус како претставник на Норвешка
Го маѓепсале нивната брзина и техника, после што се приклучил на скијачкиот клуб „Bearums“. Развојот на неговата кариера наголемо го обликувал татко му Норвежанец којшто го опишува како „скијачки номад“ затоа што постојано се селел од еден до друг ски-центар.

Како и бразилските фудбалери познати по техниката, Братен се специјализирал за слалом, технички најтешката дисциплина на алпско скијање. Пред да го освои олимпиското злато за Бразил, во 2023 година како претставник на Норвешка освоил мал кристален глобус во слалом.
До промена на репрезентацијата дошло по јавниот конфликт со Норвешкиот скијачки сојуз околу маркетинг правилата.
По краткотрајното повлекување од спортот, Братен одлучил да настапи за Бразил, татковината на неговата мајка. Својата моментална база ја преселил во Милано, градот домаќин на Зимските олимписки игри 2026 година.

Модна икона на снежните пејзажи
Тој е глобален амбасадор на брендот „Moncler Grenoble“ и со нивниот тим за истражување и развој работи на поврзување на техничката скијачка опрема и уличната мода.
Познат е по лакираните нокти, често во сина, зелена и друга боја, што се смета за мал чин на бунт против традиционалните „викиншки“ фотографии на скијачите. Во јавноста се појавувал и во здолништа, авангардни кратки панталони и со бисери.

„Јас сум само поединец којшто на работите им пристапува поразлично. Не сметам дека тоа е исправно или погрешно, едноставно е поразлично“, изјавил во една прилика тој. Неговите амбиции ги надминуваат спортските успеси.
„Во спортот сѐ се мери во стотинки и секунди, сѐ е црно-бело. Од друга страна, модата е субјективна, нема таблички со резултати. Желба ми е да ги спојам тие два света во нешто ново“, порачал тој.

Со оглед на тоа што веќе станал олимписки победник и глобална модна икона, се чини дека победите му одат од рака и во светот на модата и во светот на спортот.















